Денес, јас како Албанец со гордост го славам 8 Септември
Прекрасно е чувството кога конечно можеш да изјавиш јавно и гордо дека имаш своја држава која ја сакаш и ја почитуваш и за која си спремен да се жртвуваш во самопрегор.
Почитувањето се купува само со почитување, со ништо друго.
Јас ја сакам Македонија!
Јавно им благодарам на сите кои го кренаа својот чекан на хуманоста и ги искршија своите балкански националистички ѕидови.
Да го чуваме тој буздоган на хуманоста, на правдината и сите да го користиме се повеќе. Тој чекан на хуманоста кој крши никулци на национализми и законски злоупотреби ни е потребен на сите без исклучок, секојдневно и вечно, за подобар и подостоинствен живот на сите нас во Републиката и надвор од неа.
Им благодарам на сите мои читатели кои ревносно ги читале моите колумни во последните 4 до 5 години, и лично ме контактирале и ме охрабрувале да продолжам да се борам со балканските ветерници на злобата. Вие мои читатели, сте најдобрите сведоци на мојата лична и јавна метаморфоза. Се извинувам ако некогаш мојата лична вистина и критика била силно или пресилно дозирана, горка како пелин и лута како мариовско пиперче, но секогаш била добронамерна. Останувам во потрага на нашите зеднички воденици изградени на бистрите потоци и реки кои се слеваат од нашите Балкански планини кои толку потсетуваат на успешната и напредна Швајцарија, воденици кои ќе мелат златното жито од нашите полиња натопени со пот и крв на нашите претци, и со кое брашно ќе успееме да го испечеме лебот на заедништвото. Честит празник Македонијо, твоите граѓани ја слават твојата независност, секоја година се посплотени и посилни.
Агрон Биба