Денеска е најстуден ден од почетокот на годината во Србија, вонредни препораки на Институтот за јавно здравје
Српскиот Институт за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ објави денеска совети за зачувување на здравјето во услови на ниски температури на воздухот, нагласувајќи дека долготрајното изложување на студени временски услови и ниски температури може сериозно да го загрози здравјето.

Тие посочуваат дека ниските температури, придружени со ветер и зголемена влажност на воздухот, дополнително може да ја влошат здравствената состојба на граѓаните – најчестите локални последици од таквото време се смрзнатини што најчесто се јавуваат на стапала, прсти, уши и нос поради нарушена или оневозможена циркулација на крвта.
Денеска е најстудениот ден во Србија од почетокот на годината. Најниската температура е измерена во Сјеница и Смедеревска Паланка и изнесуваше минус 17 степени Целзиусови, а највисоката температура е регистрирана во Неготин – три степени под нулата.
Поради ниските температури во текот на утрото и попладнето и можниот замрзнат дожд, низ цела Србија е во сила портокалов метео-аларм.
Обилните снежни врнежи на некои места предизвикаа сериозни тешкотии во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија.
Вонредна состојба е прогласена во: Ваљево, Мајданпек, Осечина, Лозница, Крупањ, Мали Зворник, дел од Пријепоље и Владимирци.
Во округот Колубара, најтешка е ситуацијата во Осечина и Ваљево, каде што е прогласена вонредна состојба поради прекин на снабдување со електрична енергија. Веќе пет дена екипите за електродистрибуција се обидуваат да ги санираат дефектите, но се попречени од недостапните услови на терен.
Главните далноводи се надвор од употреба веќе пет дена. Вчера беше прогласена вонредна состојба во Ваљево и околните села поради прекини на електричната енергија во повеќе од 10.000 домаќинства. Од утрово, околу 8.400 домаќинства се без електрична енергија.
Јавното претпријатие за водостопанство „Србијавода“ објави дека е преземена итна заштита од поплави на реката Ибар, кај водоводната единица „Ибар – Краљево, Нови Пазар“.






