Денеска е светски ден на мечката – кај нас има само еден вид

Денеска се одбележува Светскиот ден на мечката, што е одлична можност да се потсетиме и да научиме нешто повеќе за неа!

Во светот постојат 8 различни видови на мечки, а кај нас се сретнува само кафеавата мечка (Ursus arctos) која е и најголемиот копнен месојад на европско тло.

Овдешната популација на кафеавата мечка е дел од Динарско-пиндската популација која се протега од Словенија на север па сѐ до Грција на југ. Во Македонија ги населува листопадните и мешаните планински шуми во западните, јужните и југозападните делови од земјата, а во источниот дел повремено се сретнуваат единки кои доаѓаат од соседна Бугарија.

Според ловечките статистики, се претпоставува дека кај нас живеат околу 300 единки – но ова е податок што Македонското еколошко друштво допрва научно ќе го истражува и проверува. Зошто? Затоа што само со веродостојни податоци за големината на популацијата може да се планираат и спроведуваат мерки за нејзина соодветна заштита!

Кафеавата мечка е заштитен вид кај нас – нејзиниот лов е забранет со националната легислатива и со повеќе меѓународни документи и конвенции што Македонија ги има ратификувано. Но, во пракса, нејзината бројност е загрозена поради криволовот и фрагментацијата на живеалиштата, што е последица на прекумерната сеча и изградбата на нова инфраструктура

Back to top button
Close