Денеска е Ѓурѓовден: Празник на природата и животот  

Ѓурѓовден, најголемиот христијански празник од пролетниот циклус во чест на Светиoт великомаченик Георгиј Победоносец е непроменлив празник и секогаш се паѓа на 6 мај по новиот календар, односно на 23 април по стариот календар.

Денеска именден празнуваат Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка и др.

Има голема традиција во словенските земји, меѓу кои и во Македонија, а неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на растителноста и на животот воопшто.

Бидејќи Ѓурѓовден е голем празник, тој во некои земји се слави како национален празник или како патрон на некои држави, градови и села. Свети Георгиј е патрон на Грузија, чие име и го носи, на Москва, Англија, Каталонија и сл. На Ѓурѓовден се изведуваат многу и најразлични обичаи. Ниту за еден друг празник не ги има толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден. А сето тоа има цел да осигура напредок и плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и напредок на луѓето.

Овој празник има многу сличности со други празници кај разни народи во разни периоди од развојот на човештвото воопшто. Па, има многу сличности со римскиот празник Палилија (21 април) кога Римјаните ги кителе стоката и шталите со зелени гранки, а овчарите на богот Палес му принесувале жртви за тој да ги заштити и луѓето и стоката од разни несреќи и да обезбеди напредок. Празници според обичаите слични на Ѓурѓовден можат да се сретнат и кај некои други народи. Така на пр. Литванците во 16 век на 23 април му принесувале жртви на богот на пролетта, растенијата и зеленилото.

Постојат многубројни обичаи кои се поврзани со овој празник кои имаат и претхристијански карактер. Кај Македонците со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна поговорка се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден”. На овој ден се избираат селски одборници, протуѓери, полјаци, потоа се главуваат момоци, овчари, козари, говедари итн. Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу, пред се, полски работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките на раззеленувањето на гората и на обновувањето на растителноста воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција. Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно значајно место заземаат оние „билјарски“ обичаи и песни што се изведуваат при берењето на билките вечерта спроти празникот и на самиот ден рано наутро. Берењето на штотуку изникнатите и разлистени растенија е поврзано со обичајот запотнување, како и со обичајот крмење на стоката, а тие пак со верувањето во магичната моќ на билките. На билје се оди во блиските шуми каде што можат да се најдат разлистани некои билки за кои се верува дека поедуваат магиска моќ, како што се кукурекот, здравецот, вратиката, среќата, но и некои други растенија како леската, дренот и сл. Тамо во групи девојки, млади невести или постари жени ги изведуваат билјарските обичаи и ги пеат билјарските песни. Овој ритуал е најистакнат во Западна Македонија.

Многубројните и разновидни обичаи што се изведуваат на Ѓурѓовден, како што се оние со билките, песните што го опеваат разбудувањето на природата, радоста поради враќањето на животот по зимскиот пасивен период, упатуваат на сознанието дека Ѓурѓовден е сточарски и земјоделски празник, а свети Георгиј е небесен клучар кој ги контролира небесните и земните природни појави што влијаат да биде топло летото и да биде богат бериќетот. Но и обичаите со крмењето на стоката, со првото пуштање на добитокот на пасење, со жртвеното јагне, упатуваат на тоа дека Ѓурѓовден е сточарски празник.

Во Македонија обичаите поврзани со Ѓурѓовден се запишани како културно наследство од особено значење. Па, прославата на празникот кај различните етнички групи во државата попознат и како Ерделези е заштитен и со закон.

Back to top button
Close