Денеска се навршуваат 23 години од атентатот врз српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ
Во Србија денеска, со комеморативни собири ќе се одбележи 23-годишнината од убиството на премиерот и поранешен лидер на Демократската партија (ДС) Зоран Ѓинѓиќ во атентат во дворот на Владата во центарот на Белград. Државната церемонија на оддавање почит ќе започне во 10:30 часот во дворот на Владата на Србија во Белград, каде што премиерот Ѓуро Мацут и министрите ќе положат венци на местото каде што Ѓинѓиќ беше убиен на 12 март 2003 година од снајперски оган.

Неколку часа по убиството, владата прогласи вонредна состојба во Србија, а членовите на „Земунскиот криминален клан“ и дел од подоцна укинатата Единица за специјални операции (ЈСО) на Министерството за внатрешни работи на Србија веднаш беа осомничени како сторители.
За време на вонредната состојба, која траеше до 22 април 2003 година, полицијата уапси повеќе од 11.000 луѓе, вклучувајќи политичари, високи воени офицери и носители на судски функции.
Во август 2003 година, беше подигнато обвинение против 44 лица за учество во организирањето на атентатот, а судењето започна на 22 декември истата година во Окружниот суд во Белград.
На 23 мај 2007 година, судот ги прогласи обвинетите за виновни и беа осудени на вкупно 378 години затвор.
Поранешниот командант на ЈСО, Милорад Улемек Легија, и неговиот заменик Звездан Јовановиќ, беа осудени на по 40 години затвор, како непосредни извршители на убиството.
Политичката позадина на убиството на Ѓинѓиќ никогаш не е откриена.
По победата на Демократската опозиција на Србија (ДОС) на парламентарните избори во декември 2000 година, тој беше избран за премиер на 25 јануари 2001 година како прв демократски избран премиер на Србија по неколку децении. Неговата влада беше обележана со брзи економски реформи, ставање на Србија на меѓународната сцена, апсење и екстрадиција на Слободан Милошевиќ во Хаг и борба против организираниот криминал.
Зоран Ѓинѓиќ, по обидот за атентат во близина на Лимес салата (денешна Белградска арена), на 21 февруари 2003 година и само три недели пред да биде убиен пред зградата на Владата, рече: „Ако некој мисли дека ќе го спречи спроведувањето на законите и реформите со тоа што ќе ме отстрани, тогаш сериозно греши, бидејќи јас не сум системот“.
Оваа изјава стана симбол на неговата непоколебливост и свест за опасноста на која беше изложен додека се обидуваше да ја трансформира Србија.






