Денеска се очекува да се нормализира јавниот градски превоз во Скопје
На синоќешната вонредна седница, советниците во Град Скопје со 29 гласа „за“, усвоија заклучок со кој предлагаат поддршката од Владата за ЈСП „Скопје“ да може редовно и нормално да функционира и да ја обавува дејноста за кое е основано претпријатието, да продолжи и во иднина.
Скопјани вчера мораа да се снаоѓаат за да стасаат до своите работни места, откако јавниот градски превоз во главниот град беше драстично редуциран, поради недостигот на гориво
По речиси дводневниот драстично редуциран возен ред поради недостиг на гориво, денеска се очекува да се нормализира јавниот градски превоз во Скопје, откако вчера Владата утврди кризна состојба и донесе одлука на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ да му позајми нафта од државните резерви за следните седум дена.
Директорот на ЈСП „Скопје“, Драги Кушовски синоќа за државната новинска агенција МИА потврди дека нафтата се дистрибуира во базните станици на претпријатието во Автокоманда и Ѓорче Петров и оти во текот на ноќта резервоарите на автобусите ќе бидат наполнети.
„Сите автобуси што се во возна состојба утре (22 ноември) редовно ќе сообраќаат“,изјави Кушовски.
На синоќешната вонредна седница, советниците во Град Скопје со 29 гласа „за“, усвоија заклучок со кој предлагаат поддршката од Владата за ЈСП „Скопје“ да може редовно и нормално да функционира и да ја обавува дејноста за кое е основано претпријатието, да продолжи и во иднина.
Во заклучокот, за кој на седницата беше постигнат консензус од координаторите на советничките групи, се предлага и заедно со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) да продолжат разговорите со Град Скопје и јавните претпријатија за нормализирање на состојбите со градскиот превоз.
Усвојувањето на овој заклучок следеше по двочасовната расправа во која имаше пофалби за владината одлука, но и партиски препукувања.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на почетокот на седницата, ја пофали денешната одлука на Владата, посочувајќи дека успеале во разговор со премиерот Христијан Мицкоски да ја добијат потребната количина на гориво што ќе биде доволно за претпријатието до моментот додека не се склучи новиот договор ЈСП „Скопје“ да може да функционира во нормални услови.
Таа, оценувајќи ја вчерашната одлука како позитивен пример, се осврна и на минатото велејќи дека проблемите не се од денеска ниту се од вчера, туку дека скопските јавни претпријатија веќе традиционално три децении се загубари.
Советот на Скопје со заклучок да продолжат разговорите со Владата за нормализирање на градскиот превоз
Одлуката на Владата ја поздрави и советничката од СДСМ, Љубица Јанчева, која во своето излагање ги образложи ги образложи и трите предлози што ги имаат како советничка група, а кои се однесуваат на актуелната состојба во град Скопје.
„Ќе бараме Советот едногласно да донесе заклучок со којшто бараме од државните резерви за нафта да биде одобрено субвенционирање од Владата на РСМ кои ќе бидат доделени на град Скопје за да се надмине хаотичната состојба во ЈСП ‘Скопје’ и тоа не е првпат. Ќе бараме да донесеме консензуален заклучок за измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, единките коишто ги основаа тие. Значи и тоа не е ништо ново“,рече Јанчева.
Третиот предлог, за кој Јанчева рече дека очекува да биде донесен, е пратениците во Собранието да иницираат надзорна расправа за состојбите во град Скопје.
Претходно вчера, Владата на вонредна седница донесе одлука да се вклучи во решавање на проблемот со јавниот градски превоз и да му овозможи на Градот Скопје да му се позајмат дел од државните нафтени резерви.
„Меѓу другото, Бирото за јавни набавки донесе одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје. Со ова Владата го затвора прашањето со настанатата потешкотија во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај“,информираа од Владата.
Претходно од Бирото за јавни набавки соопштија дека управната контрола увидела дека ЈСП „Скопје“ избрало неприфатлива понуда за најповолна при набавката на горивото еуродизел. Оттаму посочија дека понудата, која била и единствена поднесена во постапката, не исполнува услов што самиот ЈСП го навел во тендерската документација.
По ова, од Јавното обвинителство соопштија дека се дадени насоки на Управата за финансиска полиција да ги испита постапките за јавни набавки на мазут за потребите на ЈСП.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска како небулозно го оцени образложението на Бирото за јавни набавки за поништената набавка на гориво еуродизел за автобусите на ЈСП „Скопје“.
Таа, во интревју за Телма, рече дека не може да се зборува за подобра или полоша понуда за набавка на гориво, во ситуација кога цената е регулирана од страна Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
„Критично“ за неа, како што додаде таа, било тоа што директорката на Бирото за јавни набавки ја донело одлуката за поништување на набавката сега и тоа што имала замерка што само една компанија дала понуда.