Денови на судско – обвинителски „ролеркостер“
Крајот на оваа и почетокот на следната недела ќе наликува на своевиден судско-обвинителски ролеркостер: едни ќе доаѓаат, дали други ќе заминуваат?
На дневен ред на денешната седница на Советот на обвинители е изборот на 47 обвинители во 18 јавни обвинителства во Македонија. Имајќи го предвид кадровскиот недостиг во обвинителствата, тоа ќе биде „капка“ во морето. Во моментот недостигаат околу 100 обвинители, а пополнети се помалку од две третини или само 164 од вкупно 261 предвидени по систематизацијата за јавно обвинителски места на ниво на државата.
Претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриевска, неодамна посочи дека тоа е сериозен проблем, кој се рефлектира во повеќе аспекти.
„Самиот недостиг на јавни обвинители влијае не само на квалитетот на истрагите, туку и на ефикасноста на самите постапки“, рече Димитриевска.
Најмногу обвинители – 14, денеска треба да се изберат за ОЈО Скопје, 4 за ОЈО Тетово, по тројца за ОЈО Куманово, Охрид, Прилеп и Штип, по двајца за обвинителствата во Битола, Гевгелија, Гостивар, Кичево и во Струмица, и по еден во ОЈО во Велес, Делчево, Кочани, Крива Паланка, Радовиш, Ресен и Струга.
Огласот за избор на 47 нови јавни обвинители уследи откако кандидатите од осмата генерација на Академијата на судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ пред еден месец ги добија уверенијата. Од вкупно 97 кандидати, 50 беа судии, а 47 јавни обвинители. За судија или за обвинител може да биде избран правник што ја завршил обуката на Академијата за судии и јавни обвинители.
Денешниот избор на нови обвинители само во одредена мера ќе ја ублажи состојбата. Со оглед дека деветтата генерација на Академијата ќе треба да помине обука од 20 месеци, тоа значи дека во наредните три години нема да има избор на нови обвинители. Во меѓувреме одреден број од постојните обвинители ќе заминат во пензија, со што кадровскиот недостиг и натаму останува еден од клучните проблеми.
Во вторник интерпелација
Судскиот совет за в понеделник (10.03.) закажа седница на чиј дневен ред е избор на претседатели на Апелациониот суд Битола и на претседатели на Основните судови во Гевгелија, Кавадарци и Кочани. Следи и избор на судии во Основниот граѓански суд Скопје, Основниот кривичен суд Скопје, како и во основните судови во Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Делчево, Кавадарци, Кичево, Кочани, Крива Паланка, Куманово, Охрид, Прилеп, Свети Николе, Струга, Струмица, Тетово и во Штип. На дневен ред се и одлуки за определување в.д. претседател на Врховниот суд и на Основниот суд Охрид.
Само еден ден по оваа седница на Судскиот совет, пет од неговите членови кои се избрани од Собранието (Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Тања Чачарова-Илиевска и Миљазим Мустафа) на 11-ти март ќе бидат на дневен ред на собраниската седница, заради интерпелација зa нивната работа. Дел од нив претходно изјавија дека интерпелацијата е погрешен и непотребен чекор, а во допис до Собранието ги доставија и нивните поединечни образложенија за тој став.
„Тие тотално го изгубија кредибилитетот пред граѓаните и треба да биде изгласана таа интерпелација и на нивно место да дојдат луѓе кои ќе бидат вистински заштитници на правдата“, изјави деновиве премиерот Христијан Мицкоски.
Филипче: Не е реформа еден да се смени со друг
Според претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реформи не се прават со замена на персонални решенија.
„Јас верувам во професионалното судство. Јас верувам дека кога политичарите ќе престанат да го коментираат судството и кога ќе спроведеме реформи согласно со реформската агенда, дека тоа ќе има видлив резултат“, рече тој во синоќешното интервју на ТВ Канал 5.
Притоа ја посочи важноста на реформската агенда, потврдена од ЕУ.
„Има нов кривичен закон работен по теркот на германското законодавство. Има нов закон за јавен обвинител во реформскиот пакет, којшто треба да се донесе до јуни 2025 година, а којшто министерот за правда не го ставил во процедура во собрание. Каде е желбата тука да се направи вистинска реформа? И за Судскиот совет има закон, за плати на судии, за движење на судски предмети, цел еден пакет закони е таму. Ајде сите парламентарни партии да ги изгласаме сите тие закони. Не да се смени еден со друг човек“, повика претседателот на СДСМ.
Не е пополнет бројот на судиски места
Слично како обвинителството, така и судството се соочува со недостиг на кадар.
„Во ниту еден од контролираните судови не е пополнет систематизираниот број на судиски места“, утврдила Комисијата за надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник и за надзор над спроведувањето на одредбите од Законот за управување со движење на предметите во судовите за 2024 година.
Како што соопшти Министерството за правда, додека кај употребата на АКМИС- системот не биле најдени пропусти, надзорот утврдил одреден број други слабости за кои Министерството доставило препораки. Надзорот утврдил дека судовите се соочуваат со недостиг на судии и административни службеници и дека Судскиот совет треба да изврши итен избор на судии со цел да се овозможи пополнетост на судовите со судии. Но, имало и други проблеми.
„Судовите работат со недостиг од стручни соработници, информатичари и архивари. Во дел од судовите нема телефонска централа и не се обезбедени униформи за припадниците на судската полиција. Нема лифтови ниту пристап за лицата со попреченост. Судовите не ги објавуваат редовно на веб страницата програмите за работа, годишните планови, распоредите и други акти со цел да се овозможи поголема транспарентност на работата на судот“, утврдил надзорот.
Предложени биле мерки за решавање на овие проблеми, а Комисијата ќе продолжи со следење на нивната реализација.(dw)