Депонијата Вардариште
Депонијата Вардариште е вистинска рак-рана за здравјето на граѓаните, не само за жителите кои живеат до самата депонија, туку и за сите граѓани на градот Скопје. Поради непостоечки дијалог меѓу централната и локалната власт, особено ако носителите на тие функции се припадници на различни политички партии, проблемот со депонијата останува проблем. Сѐ поголем, како и секоја депонија, смрди од далеку.
Длабоката, вкоренета и метастазирана партизација во нашиот систем, која го донесе плурализмот на сцена, е вистинската дијагноза за тоа што денес ни се случува.
Наместо централната и локалната власт заеднички да ги решаваат клучните проблеми на граѓаните, тие се во меѓусебна војна чијашто цена, дефинитивно ја плаќаме ние, граѓаните.
Трагично е што не е само Вардариште единствен проблем. Во самото Скопје и неговото опкружување има илјадници големи и мали депонии кои бараат сериозен пристап за нивната ликвидација.
Жално е што депониите ги гледаме и чувствуваме и кога се движиме по улиците, што е несоборлив факт. Преполни контејнери и корпи за отпадоци, расфрлано ѓубре од каде се шират непријатна миризба. Ваква нехигиена мислам ни во средниот век немало. Потребен е сериозен проект за решавање на ваков проблем! И не само за Скопје и скопјани, туку за сите граѓани ширум Република Македонија. Приоритет ни е како да се расчисти ѓубрето и депониите кои се извор на зараза.
Бидејќи сакаме да следиме европски примери, дали ќе научиме нешто конкретно од нивните примери за функционална хигиена и како тоа функционира во модерниот свет.
Живеевме во заедничка држава СФРЈ. Во сите останати бивши ЈУ републики, дивите депонии се решаваат на современ начин, а хигиената во градовите беше и остана на многу повисоко ниво.
Не само што стоиме во место, туку си ги закопавме здравиот воздух и почва. Светот и технологијата одат напред, а ние не знаеме како од ѓубре да се спасиме. Назадуваме како држава, општество и народ…Уназадени како ѓубре крај контејнери.