Десет експонати преку тактилни слики со Брајово писмо дел од изложбениот простор на Археолошкиот музеј

Десет тактилни слики со Брајово писмо за слепи лица и лица со оштетен вид од денеска достапни за јавноста во Археолошкиот музеј. Секоја тактилна слика има свој QR код кој се поврзува со видеата на знаковен јазик и аудиоматеријалите кои веќе беа промовирани по прогласувањето на вонредната состојба.

На денешната промоција на тактилните слики беше присутен секретарот на Националниот сојуз на слепи, Стерја Димов и дел од членовите на сојузот, чија бројка беше значително редуцирана поради почитување на протоколот за посета на музеи.

-Чест ни е што Археолошкиот музеј е прв во Скопје, каде дел од експонатите се претставени преку тактилни слики и истите се изложени во постојаната поставка, а со тоа музејот станува попристапен и им овозможува на слепите лица и лицата со оштетен вид да се запознаат со богатото културно наследство. Наша главна цел и приоритет за оваа и наредната година е целосна реализација на препораките и насоките дадени во анализата за пристапност, како и зголемување на бројот на тактилни слики, изјави Славица Бабамова, директорката на Археолошкиот музеј.

Слепите лица преку допир на релјефната површина можеа да ги доловат експонатите Бокалот Изник, кој е редок примерок во светот и постојат само три, Големата Мајка, вотивни релјефи, теракотна икона, накит од средновековен период и останати артефакти. На овој начин им се овозможува на сите лица со различни видови попречености да се запознаат со богатото културно наследство кое е изложено во постојаната поставка на музејот.

-Особено нè радува што во РСМ музејската дејност се унапредува на ниво на западноевропските земји. Она што нашите членови, слепите и слабовидните лица имаа можност да го почувствуваат со срцето во земјите од Европската заедница станува реалност и секојдневие и тука. Ако човек за миг ги затвори очите и со прст почне да ја „отчитува“ сликата ќе увиди дека Браевите Релјефни слики се толку професионално изработени и дека истите се оригинални реплики. Дури и човек со оштетен вид може во својата замисла да ја нацрта оригиналната слика, а доколку една слика допре до секој поединец тогаш допрела до душите на многу лица. Чест и задоволство ни е што се унапредува музејската дејност во најстариот, Археолошки музеј во поглед на лицата со оштетен вид. Само преку почитување на правата на лицата со попреченост ќе создадеме едно општество за сите, изјави генералниот секретар Стерја Димов.

Тој ги покани сите лица со оштетен вид, но и сите граѓани да го посетат Археолошкиот музеј, да погледнат една поинаква музејска приказна и да ги почувствуваат сликите.

-Едно ново утро за сите лица со оштетен вид, изјави Димов.

Back to top button
Close