Десет години подоцна: Како мигрантскиот бран од 2015 ги редефинираше европските општества
ЕНР – Брисел
Десет години по почетокот на мигрантскиот бран од 2015 година, комесарот за миграција на ЕУ, Магнус Брунер, изјави дека Европската унија решава кој може, а кој не може да ги помине нејзините граници. За да се справи со натамошното пристигнување на мигранти од земји надвор од ЕУ, тој повика на поефикасно враќање на мигрантите и посилна соработка со трети земји.

-По десет години преговори, воспоставуваме современ миграциски систем кој ја враќа контролата врз тоа кој може да дојде во Европа, а кој не, рече Брунер во писмена изјава за ЕНР, осврнувајќи се на Пактот за миграција и азил, кој треба да стапи на сила во јуни 2026 година.
Пактот е збир на нови правила за управување со миграцијата и воспоставување на заеднички систем за азил на ниво на ЕУ. Според Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс, Пактот ќе обезбеди Унијата да има силни и безбедни надворешни граници, да се гарантираат правата на луѓето и ниту една земја членка на ЕУ да не биде оставена сама.-Ја средуваме нашата европска куќа и работиме да имаме вистинска правна рамка за да можеме да воспоставиме брзи, ефикасни и поедноставени процедури за азил и враќање и хармонизиран систем за управување со пристигнувањето на државјани на земји што не се членки на ЕУ, изјави Брунер.
-За да ги спречиме луѓето да одат на опасни патувања, треба да соработуваме со трети земји кои се дел од рутата, како и земјите од каде доаѓаат мигрантите, рече австрискиот комесар.
На прашањето како ЕУ ќе ја врати довербата на јавноста во услови на растечко незадоволство од масовната имиграција, Брунер рече дека „приоритет кога станува збор за миграција треба да бидат напорите да се изгради доверба кај луѓето дека имаме контрола врз она што се случува во Европа“.
Деценија по „Ќе успееме“
Сликите влегоа во историјата: редици исцрпени мажи и жени, носејќи се што поседуваат на грб, чекорат низ Централна Европа на почетокот на септември 2015 година.
На 31 август, тогашната германска канцеларка Ангела Меркел ги изговори познатите три збора на германски „Wir schaffen das“(„Ќе успееме“) додека илјадници бегалци маршираа по автопат во Унгарија кон Германија. Никој во тоа време не можеше да претпостави дека тие зборови ќе станат најпознатата изјава од нејзиниот 16-годишен мандат како канцеларка.
Меркел и тогашниот австриски канцелар Вернер Фајман одлучија во текот на ноќта помеѓу 4-ти и 5-ти септември 2015 година, границите на двете земји да останат отворени.
Во рок од неколку месеци, Германија пречека стотици илјади луѓе, повеќето од нив бегаа од конфликти во Сирија, Ирак или Авганистан – пресвртен момент што длабоко ја подели земјата.
Се вели дека 2015 година го овозможила подемот на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД).
Според Марко Ловец, професор на Катедрата за меѓународни односи на Факултетот за општествени науки во Љубљана, ситуацијата со мигрантите беше еден од главните двигатели на промената на политичката атмосфера во Европа. Од 2014 година, десничарските, евроскептичните и популистичките партии ја користат миграцијата како една од клучните теми пред националните и европските избори.
Опасен пат до просперитет
На европско ниво, правото на азил, утврдено во Женевската конвенција и ратификувано во 1951 година од 155 држави, значеше дека повеќе од 1 милион луѓе можеа да поднесат барање за азил во Европската Унија во 2024 година.
Многу мигранти влегуваат во Европската Унија преку Грција, а потоа патуваат на север преку земјите кандидати за ЕУ – Србија и Северна Македонија. Други одлучуваат да се движат на запад, користејќи ги албанските или косовските рути.
Поради својата географска положба, Северна Македонија се користи како коридор меѓу Грција и Србија. Мигрантите се соочуваат со многу предизвици за време на патувањето: произволни притвори и протерувања, злоупотреба и малтретирање, па дури и смрт.
Шверцерите ги превезуваат мигрантите во земјата и заработуваат големи суми нелегален профит (помеѓу 500 и 1.500 евра по лице) за нивно пренесување од Грција во Србија.
Хрватска исто така се наоѓа на западнобалканската рута. Како и Северна Македонија, земјата е транзитна станица на патот кон побогатите земји членки – главно Германија, Австрија и Шведска.
Во 2015 година – кога владата беше предводена од тогашниот премиер Зоран Милановиќ – политиката на Хрватска беше да им дозволи на мигрантите да влезат во земјата, но само за да се погрижат за болните и изнемоштените пред да ги превезат до границите со Унгарија и Словенија. Земјата одби да стане жариште или прифатен центар од кој понатаму бегалците би биле преместени во северните земји членки на ЕУ.
Друга популарна, но опасна рута води од Северна Африка и Блискиот Исток до Италија, при што многумина патуваат со брод, претворајќи го Средоземното Море во масовна гробница.
Според Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), бројот на пристигнувања по морски пат го достигнал својот врв во 2016 година со 181 436, од кои 4 578 луѓе загинале или исчезнале. Бројките се менуваа низ годините, но бројот на загинати или исчезнати лица е огромен.
Пад на доселувањата; нерамномерна интеграција и инклузија
Според француската Канцеларија за заштита на бегалците и лицата без државјанство (ОФПРА), Германија, Шпанија, Италија, Франција и Грција заедно сочинуваат речиси 80 отсто од барањата за азил во ЕУ во 2024 година.
Германија остана главната цел со 237 000 барања, или 23 отсто од сите поднесени барања во ЕУ, по што следат Шпанија, Италија и Франција.
Кипар останува земја со најголем број барања за азил по глава на жител (1/138 жители), пред Грција (1/141 жител).
Сепак, податоците покажуваат дека бројот на барања се намалува иако дебатата за нив се зголемува.
Во Германија, бројот на барања опадна за речиси 60 отсто во август оваа година, со вкупно 7 803 луѓе кои за прв пат поднеле барање за азил во август, во споредба со 18 427 минатата година, соопшти германското министерството за внатрешни работи во вторникот.
Падот се случува додека Германија, под водство на канцеларот Фридрих Мерц кој ја презеде функцијата во мај, спроведува разни мерки за да ја намали миграцијата. Владата на Мерц презеде остри мерки како воведување строги гранични контроли и депортирање на осудени криминалци во нивната татковина Авганистан, која е под контрола на Талибанците.
Слично опаѓање се случи и во Шпанија, каде што помеѓу јануари и септември оваа година пристигнаа 23 931 мигрант, 11 578 помалку отколку во истиот период лани.
И покрај тоа што е земја која се наоѓа на „фронтот“, антиимиграциските наративи сè уште не се актуелни во Шпанија, иако во последните месеци имаше неколку инциденти.
На пример, во јули се случија антиимигрантски немири во градот Торе Пачеко, откако 68-годишен пензионер изјави дека тројца мажи од северноафриканско потекло го нападнале без провокација на 9 јули.
Неочекуваното насилство ја изненади Шпанија, но антимигрантските чувства веќе се развиваа, делумно поради дезинформациите кои кружат на социјалните медиуми.
Соседна Португалија вети дека ќе прими околу 4 500 баратели на азил кога избувна бегалската криза во 2015 година. Во пракса, земјата прими околу 1 550 бегалци помеѓу 2015 и 2018 година, од кои многумина беа префрлени од кампови во Грција и Италија.
Напорите за интеграција беа координирани преку збир од владини иницијативи и иницијативи на граѓанското општество. На бегалците им беше обезбедено сместување, здравствена заштита, образование и курсеви по португалски јазик. Исто така, беа развиени програми за вработување, иако усогласувањето на вештините со потребите на пазарот на трудот се покажа тешко.
Една од обележјата на португалскиот пристап беше дисперзијата. Наместо да ги концентрираат бегалците во големите урбани центри, властите ги распределија семејствата во градовите и селата низ целата земја. Оваа стратегија поттикна блиски врски со заедницата, но исто така многу бегалци се чувствуваа изолирани од пошироката дијаспора. Јазичните бариери и непризнавањето на професионалните квалификации дополнително ја отежнаа интеграцијата.
Во Бугарија, голем дел од дебатата беше фокусирана на пазарот на трудот. Анкета на социолошката агенција Мјара во март покажа дека повеќе од половина од Бугарите се противат на тоа да им се дозволи на мигрантите да работат во земјата, и покрај недостигот на работна сила во земјата.
Во Франција, Владата во јули објави дека регистрацијата на легалните странци во државниот завод за вработување ќе биде автоматска, кратко по нивното пристигнување во Франција, со цел да се „бори против невработеноста“ кај новодојденците од земји надвор од ЕУ. Владата соопшти дека стапката на невработеност кај странците од земји надвор од ЕУ кои легално престојуваат во Франција изнесува 16,4 отсто.
Во Германија, речиси две третини од бегалците кои дојдоа во 2015 година се вработиле до 2022 година, според најновите податоци од Институтот за истражување на вработувањето (ИАБ). Но, многу мигранти сè уште не нашле работа. Тие имаат четири пати поголеми шанси да бидат невработени од остатокот од населението, со стапка на невработеност од 28 отсто минатата година.
Според Министерството за труд и социјална политика, Италија е дом на речиси 2,4 милиони странски работници – што е еднакво на повеќе од 10 отсто од вкупната активна работна сила во земјата. Иако носат мултикултурализам во земјата, многу од нив се соочуваат со структурни предизвици да се интегрираат, вклучувајќи јазични и бирократски бариери, како и проблеми со пронаоѓањето живеалиште.
Издржувајќи го тестот на времето
Десет години по нејзината легендарна изјава – „Ќе успееме“ – Ангела Меркел верува дека Германија постигнала значителен напредок во интеграцијата на мигрантите.
Меркел признава дека земјата во тоа време „не била добро подготвена“ за „огромната задача“ и дека имало „разочарувања“. Сепак, таа укажува на „неверојатниот напор“ што многумина го вложиле за да ги пречекаат новодојденците.