Десет илјади војници ќе ги чуваат САД од мигранти на јужната граница

Извршната наредба потпишана од Доналд Трамп за распоредување дополнителни 1.500 американски војници на јужната граница, со која се наложува тие да бидат вклучени во „спроведувањето на законот“ е дел од репресијата на новиот претседател против имиграцијата.

Оваа бројка е ажурирана со внатрешен владин меморандум, кој како што пишува американскиот „Си-би-ес Њуз“, сега сугерира дека вкупната бројка на американски војници на јужните граници на САД може да дојде и до 10.000 лица.

Меморандум за царинска и гранична заштита од 21 јануари, еден ден по инаугурацијата на Трамп, содржи план за испраќање „10.000 војници“ за помош на агенцијата, наведува медиумот.

Првичното засилување од 1.500 војници, кои ќе бидат испратени во Сан Диего, Калифорнија и Ел Пасо, Тексас, ќе им се придружат на 2.500 војници кои веќе се стационирани на границата. Меморандумот, исто така, наведува дека базите на американското Министерство за одбрана може да се користат како „објекти за задржување“ на мигрантите кои чекаат депортација.

Прогласена вонредна состојба

За потсетување дека неколку часа по полагањето на претседателската заклетва, Трамп прогласи вонредна состојба на границата со Мексико, велејќи дека „нападнат е суверенитетот на Америка“. Имиграцијата беше клучното предизборно ветување на Трамп, тој го повтори своето ветување дека ќе ја затвори границата и ќе го засили спроведувањето на одлуката.

Магазинот „Геополитика“ на темава забележува дека илегалните мигранти кои влегуваат во САД повеќе нема да можат да бараат азил пред депортацијата, откако администрацијата на Трамп се повика на законите за јавно здравје и национална безбедност за да го оправда потегот.

Двајца службеници од Царинската управа и граничната заштита изјавија за Си-би-ес дека мигрантите нема да имаат пристап до судиите за имиграција или до службениците за азил според извршните наредби потпишани од Трамп веднаш по преземањето на функцијата. Таква опција ќе им биде овозможена само во случај нивниот живот ако „веднаш да биде загрозен“.

Индискиот министер за надворешни работи Субрахмањам Џаишанкар, кој во средата се сретна со неговиот американски колега Марко Рубио, им рече на новинарите дека Индија е отворена за легитимно враќање на индиските имигранти без документи. Според „Истражувачкиот центар Пју“, Индијците се третата по големина група на недокументирани имигранти во САД.

Критики против потегот на Трамп

Трамп го започна својот втор претседателски мандат „поенергично и посурово“ отколку што многумина очекуваа, изјави за Би-би-си Роберт Рајх, секретар за труд на поранешниот американски претседател Бил Клинтон.

„Самото политичко постоење“ на Трамп се заснова на „неговиот страв од имиграција“, вели Рајх, додавајќи дека претседателот верува дека илегалните имигранти во САД се „опасни“ и „криминалци“.

Рајх, исто така, ја критикува извршната наредба на Трамп за укинување на државјанството со право на раѓање, каде што секој роден во САД станува државјанин, велејќи дека тоа го прекршува Уставот на САД.

„Пристојните луѓе би можеле да го изгубат своето државјанство … децата би можеле да ги загубат своите родители … некои родители „Можеби немаат соодветни хартии“, тврди тој.

Back to top button
Close