Десет кандидати останале во игра за претседател на ДКСК

Од 13 кандидати, колку што се пријавија на огласот на Собранието на избор за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата, селектирани се имињата на 10, за кои постапката продолжува следната недела.

Иако огласот за пријавување кандидати за шеф на Антикоруциска беше објавен уште летово, постапката беше времено прекината поради локалните избори, а од Собранието тогаш соопштија дека таа ќе продолжи по нивното завршување.

Комисијата за селекција на кандидати за претседател на ДКСК што ја формираше собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата, го завршила процесот на селекција и во вторник ќе почнат интервјуата со десеттемина одобрени имиња од пријавените 13, објави Телма.

Меѓу кандидатите кои го поминале првиот филтер е Весна Доревска, дипломиран правник, која беше помошник-министер за правни работи во Министерството за внатрешни работи.

Втор на листата е Владимир Наумоски. Тој е дипломиран правник, со поможен правосуден испит и магистер по деловно право, член на Комисијата за заштита од конкуренција.

По него на листата на селектирани кандидати е Антонио Санев, дипломиран правник и магистер по меѓународно право. Санев е поранешен началник во Министерството за внатрешни работи.

Првиот филтер го поминале и Бранко Смилевски, дипломиран економист, магистер на науки за антикорупција, кој е актуелен помошник на Главниот ревизор, адвокатите Валентина Тодоровска и Ненад Трифуновски…

Меѓу кандидатите кои ќе бидат поканети на интервју е и Благица Трошанска, магистер на политички науки, актуелна раководителка на сектор во Министерството за одбрана, потоа Кимо Чавдар, дипломиран правник со положен правосуден испит и доктор на политички науки, Адем Чучуљ, дипломиран правник, кој е и актуелен генерален секретар на ДКСК, како и Феузи Џафери, кој се кандидираше и за Народен правобранител, но не беше избран.

Извор: fokus.mk

Back to top button
Close