Десет лица осудени за онлајн малтретирање на првата дама на Франција, Брижит Макрон

Суд во Париз денеска прогласи десет лица за виновни за дигитално насилство, односно онлајн малтретирање на првата дама на Франција Брижит Макрон, осудувајќи ги на казни кои се движат од задолжителна обука за кибер насилство до условни затворски казни од осум месеци.

Судот, како што јави „Монд“, изјави дека обвинетите објавиле „особено понижувачки, навредливи и злонамерни“ коментари, врз основа на лажни тврдења за наводен трансродов идентитет и наводна поврзаност со педофилија.

 

Обвинетите, осум мажи и две жени на возраст од 41 до 65 години, се обвинети за објавување бројни злонамерни коментари на интернет во кои лажно тврделе дека Брижит Макрон е родена како маж, и поради тоа што разликата во годините меѓу неа и нејзиниот сопруг ја поврзувале со педофилија.

Брижит Макрон не присуствуваше на претходното дводневно судење во октомври. Нејзината ќерка, Типен Озиер, сведочеше за она што го опиша како „влошување“ на животот на нејзината мајка откако кибер-малтретирањето станало поинтензивно.

– Таа не може да ги игнорира ужасните работи што се зборуваат за неа, изјави Озиер пред судот, додавајќи дека влијанието се проширило на целото семејство.

Некои од обвинетите тврдеа дека нивните коментари биле хумористични или сатирични и дека не разбираат зошто се води постапка против нив.

Случајот следува по години теории на заговор во кои лажно се тврдеше дека Брижит Макрон е родена како Жан-Мишел Троњо, што всушност е името на нејзиниот брат.

Семејството Макрон, исто така, поднесе тужба за клевета во САД против инфлуенсерката Кендис Овенс.

Back to top button
Close