Десет осигурителни компании во Македонија добија казни од 17 милиони денари за картелско здружување

Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата донесе решение со кое утврди постоење на усогласено однесување (картел) помеѓу десет осигурителни компании на пазарот на осигурување од автомобилска одговорност (АО), кое секој сопственик на моторно возило задолжително мора да го плати при регистрирање на возилото.

Од Комисијата информираат дека станува збор за: ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, АД МАКЕДОНИЈА СКОПЈЕ – ВИЕНА ИНШУРЕНС ГРУП, САВА ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, ЕУРОЛИНК АД СКОПЈЕ, ГРАВЕ АД СКОПЈЕ, УНИКА АД СКОПЈЕ, АД ОСИГУРИТЕЛНА ПОЛИСА СКОПЈЕ, ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ И КРОАЦИЈА ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ)

„Во постапката беше утврдено дека осигурителните компании во периодот 01.03.2024 – 07.05.2024 година, разменувале чувствителни информации, координирале активности и во исклучително краток рок донеле идентични или меѓусебно усогласени одлуки за зголемување на делот на премијата за вршење дејност – т.н. режиски додаток.

Таквото однесување претставува ограничување на конкуренцијата „по своја цел“, односно најтешка форма на повреда согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата. Размената на информации и паралелното донесување на ценовни одлуки ја заменува независната деловна политика со координирано колективно дејствување на пазарот, што е строго забрането.Врз основа на утврдените факти, Комисијата изрече прекршочни санкции – глоби во вкупен износ од 17.266.930 денари.

Комисијата останува посветена на заштита на фер пазарни услови, спречување на картели и обезбедување на конкурентна средина во интерес на потрошувачите и стопанството“, велат од таму.

Back to top button
Close