Десетици уапсени при судири меѓу полицијата и учесници на синдикалниот протест во Брисел

– Неколку десетици лица се уапсени при судири меѓу припадници на белгиската полиција и маскирани учесници на синдикалниот протестен марш што денеска се одржа во Брисел во рамки на еднодневниот генерал штрајк.

Според полицијата, до инцидентот дошло кога група демонстранти почнале да фрлаат кеси со боја и петарди кон седиштето на белгиската Канцеларија за миграција. Полицијата интервенирала за да го спречи насилното однесување, при што употребила солзавец и водени топови. Медиумите јавуваат дека при инцидентот полесно се повредени неколку лица.

– Жалиме поради вандалското однесување во контекст на денот на генерален штрајк, соопшти бриселската полиција.

Според последните информации, дел од демонстрантите одбиваат да се повлечат и се уште стојат во близина на Канцеларијата за миграција, скандирајќи пароли против полицијата.

Белгиската министерката за азил и миграција Анелин Ван Босујт го осуди како што наведе „вандализмот врз зградата“ на Канцеларијата за миграција.

Таа на социјалните мрежи сподели и видео сними на кои се гледаат маскирани лица облечени во црно како фрлаат предмети кон зградата, на која се искршени неколку прозорци и стаклената влезна врата.

– Агресијата и вандализмот врз моите служби немаат никаква врска со правото на штрајк. Ова е без преседан. Секој што ги напаѓа нашите вработени или оштетува јавни згради го напаѓа нашето општество, порача Ван Босујт.

До инцидентот, синдикалниот протест се одвиваше мирно со учество на околу 80.000 лица, според полицијата, и на блузи 140.000 луѓе, според организаторите.

Демонстрантите, кои се движеа по улиците на Брисел од железничката станица „Север“ до станицата “Југ“, свиреа со свирчиња, тропаа на тапани и повремено фрлаа петарди и палеа факели.

– Може да се види дека луѓето се навистина лути. Прават многу бучава, наведе белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ во извештајот од протестот.

Маршот беше одржан во рамки генералниот штрајк против мерките на белгиската Владата за поврзани со работничките права и реформите во пензискиот систем, што го организираа трите главни синдикати во државата – Конфедерацијата на христијански синдикати (АЦВ/ЦСЦ), Генералната федерација на трудот на Белгија (АБВВ/ФГТБ) и Генералната конфедерација на либерални синдикати на Белгија (АЦЛВБ/ВГСЛБ).

Во прогласот на „обединетиот синдикален фронт“ беше наведено дека штрајкот се организира поради социо-економки барања и пред се за „квалитетни и сигурни работни места и фер пензии“. Незадоволство на трите синдикати главно е насочено кон владините одлуки за покачување на старосната граница за пензионирање, за продолжувањето на флексибилното работно време и за намалувањето на надоместоците за ноќен труд.

Лидерот на франкофонскиот огранок на Генералната федерација на трудот на Белгија, Тјери Бодсон најави дека до крајот на годината се планираат и други „акции и штрајкови“, апелирајќи тие да минат мирно.

Утрово пред почетокот на протестот белгиската полиција приведе неколку лица поради, како што соопшти, вандалско однесување, уништување и палење на скутери и градежни скелиња и огради. Според полициското соопштение, станува збор за лица кои се подготвувале за учество во протестниот марш.

Back to top button
Close