Десничарската омраза кон жените

Политиката досега малку се занимава со антифеминизмот. Тој може да делува како „почетна дрога” за екстремно десничарско размислување и дури да заврши и смртоносно. Експерти предупредуваат од минимизирање на опасноста.

Мејловите со закани стигнуваат во текот на ноќта, постојано. Ќе бидете „осудени на смрт” се вели во нив, а често се потпишани со „НСУ 2.0” алудирајќи на истоимената терористичка група. Ане Хелм, претседател на пратеничката група на Левица во Берлин, е навикната на смртни закани. Сепак, ситуацијата „кине нерви”, вели таа за ДВ.

„Мора да се занимавам со темата. Затоа и сѐ друго е многу понапорно”. Нема страв од смртта, вели таа, иако во мејловите се споменувале и напади. Според информации на парламентот во Хесен, 69 писма, делумно со лични податоци неодамна биле испратени до Хелм и 26 други лица и институции, меѓу другото и на адвокатката Седа Басај-Јилдиз, која ги застапува роднините на жртвите во процесите против деснотерористичката НСУ, како и и кабаретистката Идил Бајдар. Упадливо е дека големото мнозинство на кои им се упатени заканите се жени, а пораките сексистички.

Закана за одредена претстава за животот

Затоа Хелм претпоставува дека и омраза кон жените е еден од мотивите за писмата кои, како што се претпоставува, се испраќани од десни екстремисти. Тоа не е ништо ново. И напаѓачот од Торонто пред нападот во 2018. најавил дека тоа е почеток на „побуна на човек во недоброволен целибат”. Тоа е назив кој си го даваат млади мажи коишто недоброволно живеат во целибат и немаат интимни врски и така развиваат омраза кон жени. „Таквите лица генерално сметаат дека мажите имаат право врз жените и нивните тела. Тврдат дека жените не им го даваат сексот кој им следува”, вели за ДВ Хенинг фон Барген од фондацијата „Хајнрих Бел“, која е блиска до Зелените.

И во случајот на осомничениот напаѓач од Хале, Штефан Б. е можно тоа да играло улога. На денот на нападот, во октомври 2019-та, слушал навредлива музика за жени и во клипот што го објавил на интернет вели: „Феминизмот е виновен што опаѓа наталитетот на западот, што е причина за масовната имиграција.“ Корен на таквите проблеми бил „Евреинот”.

Тоа звучи „тотално апсурдно”, вели политичарката од Левицата, Хелм. „Но, во рамки на таквата претстава за светот тоа е логичната последица”. Според таа претстава, жените треба пред сѐ да се грижат за т.н. одржување на народот, односно да раѓаат многу деца и, според традиционалната поделба на улогите, да се грижат за нив. „Феминизмот ја загрозува таквата претстава”, вели Хелм, „исто како и жените кои сега се погодени од писмата со закани”.

„Борбена машкост“

„Антисемитизмот е секогаш дел од екстремно десната идеологија“, вели за ДВ и Рејчел Спајкер од фондацијата „Амедеу-Антонио“. Додека за жените во екстремно десничарските идеологии се смета би требало да бидат мирољубиви, социјални, повлечени, мажите треба да имаат „борбена машкост“, подготвени „да ги штитат жената, децата и сопствениот народ.” „Тоа се фиксни улоги кои се покажуваат и во антифеминизмот. Кога жените ќе се оддалечат од оваа улога, тогаш често стануваат непријатели.”

Но антифеминизмот не е само заеднички именител за различните десничарски струења. Тој може да стане и еден вид „почетна дрога за десничарски идеологии,” вели Фон Барген. Антифеминизмот е насочен против отворено општество и се залага за ограничување на основните и човековите права. „Многумина сѐ уште не ја гледаат јачината на оваа поврзаност.”

И Хелм на антифеминизмот гледа како „низок праг на допирна точка со останатите идеологии на нееднаквост.“. „Тоа меѓу другото го забележуваме и преку фактот дека поголемиот дел од нашето општетство веднаш би се спротивставило на обвиненијата за расизам, но да се биде сексист за некои е чест.“ И Спајкер верува дека антифемитизмот е длабоко вкоренет во општеството.

Во потрага по жртвено јагне

Особено мажите западнати во социјална криза, на кои им се загрозени работните места и животниот стандард, се подложни на ова. Олеснување е да пронајдете нешто што е виновно за вашата мизерија, вели Фон Барген. Жртвеното јагне во овој случај е феминизмот.

Радикализацијата често се случува на интернет. Во меѓувреме се појавија форуми за таканаречениот недоброволен целибат и на веб-страници како Редит или 4Chan. Во меѓувреме тие се затворени, но има и други страници на кои може да се најдат вакви групи – слободно достапни за секого, анонимни и неконтролирани. Речиси во секоја секунда излегуваат нови постови во кои, на пример, се бараат „сексуални робинки“ за недоброволен целибат, или се омаловажуваат жени.

И гејмерската сцена исто така придонесува за радикализација на младите мажи. Десничарски идеологии и мизогенија се шират на гејмерски платформи како Твич или Дискорд, пишува авторката Каролин Шварц во својата книга „Војници на омразата: новиот глобален десен екстремизам“. Корисниците себеси се нарекуваат со имиња на терористи, има групи приврзаници на НПД или на теоретичари на заговори. Се навредуваат луѓе со темна боја на кожа, Евреи и жени. „Тоа е една сцена која привлекува малку внимание од аналогниот свет“, предупредува Фон Барген.

Затоа социологот бара поинтензивно истражување на оваа тема: „Антифеминизмот честопати не се сфаќа сериозно од страна на политиката. Пред сѐ не се сфаќа дека тоа е врската меѓу десничарските струења и таканаречената средна класа“, вели тој.

Политичарката од Левицата, Хелм мора да живее со фактот дека е мета на антифеминистите. Во меѓувреме најде начин како да се справи со заканувачките мејлови. „Се обидувам да го одвојам тоа од мојата личност. Знам дека нападот е за она што го работам и за кое се залагам политички. Се обидувам да бидам свесна за тоа.“

извор: ДВ

Back to top button
Close