Дете почина од морбили во Ливерпул, стапките на вакцинација опаѓаат
Дете во Ливерпул починало откако се заразило со морбили, пренесе ДПА повикувајќи се на британски медиуми.
Според весникот „Сандеј Тајмс“, детето било болно од морбили и имало други здравствени проблеми и било лекувано во Детската болница Алдер Хеј.
Во изјавата од Фондацијата на детска болница Алдер хеј, НХС Траст се вели дека поради доверливоста на пациентите, не можат да коментираат поединечни случаи.
– Загрижени сме поради сè поголемиот број деца и млади кои се заразуваат со морбили. Морбилите се многу заразна вирусна болест која може да предизвика сериозно заболување кај децата, барајќи болничко лекување, а во ретки случаи, и смрт. Бројот на деца кои се лекуваат во Алдер Хеј поради последици и компликации од морбили се зголемува (третиравме 17 од јуни). Ние лекуваме деца со низа состојби и болести во нашата болница, вклучувајќи ги и оние со компромитиран имунитет поради други здравствени проблеми, што ги прави поподложни на инфекции, вклучувајќи ги и морбилите. Можеме да спречиме луѓето, вклучувајќи ги и децата, да се заразат со морбили преку вакцинација. Ве молиме заштитете се себеси и ранливите деца и млади со тоа што ќе се осигурате дека сте целосно вакцинирани, се вели во изјавата на болницата.
Се верува дека детето е второ кое починало од акутна инфекција со морбили во Британија оваа деценија.
Ова доаѓа откако извештајот на Кралскиот колеџ за педијатрија и детско здравје, објавен претходно овој месец, утврди дека стапката на вакцинација во Велика Британија стагнира во последната деценија и, во многу случаи, опаѓа. Ниту една од рутинските детски вакцинации не ја исполнила целта за 95 отсто покриеност од 2021 година, што значи дека младите се изложени на ризик од заболувања како што се морбили, менингитис и голема кашлица.
Во извештајот се вели дека додека некои семејства се двоумат да се вакцинираат поради страв од вакцините, многумина се соочуваат со проблеми кои би можеле да се решат со поголема поддршка, вклучувајќи потешкотии при закажување и присуство на прегледи и недостиг на континуитет на негата од НХС, при што многу родители одат кај различен матичен лекар или специјалист при секоја посета.