Дете се набоде на игла од шприц кај запуштениот Дом на културата во Ченто: Стефковски жали и ветува реконструкција на објектот

Седумгодишно дете е повредено, кога играјќи си со свој врсник во близина на руинираниот објект на некогашниот Дом на култура во Ченто, паднало и се набодело на користена игла на шприц од зависник од дрога. Граѓани за немилиот настан реагираа во фејсбук групата „Ѕид на Општина Гази Баба“ барајќи од градоначалникот да најде решение за долгогодишниот проблем. Тие, документирајќи ја состојбата со фотографии, потсетуваат на многубројните ветувања дадени низ годините за таканаречено “домче”, објект лоциран во паркот во населбата, кој е целосно запуштен, претворен во собиралиште на зависници, преполн со ѓубре и употребени шприцеви и преставува огромна закана за локалното население, но и за животната средина.

За случајот се огласи и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски кој изрази жалење за немилиот настан со ветување дека ќе се заложи вакво нешто да не се повтори.

Иако проблемот е долгогодишен со жалење констатирав дека во општината не постои изработен проект. На почетокот на годината од моја страна беше издаден налог за изработка на проект за реконструкција на Културниот дом во Ченто кој во фаза на идеен проект беше доставен до општината и потоа со забелешки е вратен за корекција и доработка. Штом се заврши изработката на основниот проект, ќе започнеме со изнаоѓање на начини на финансирање за неговата реализација – вели Стефковски.

Тој денеска му наложил на јавното комунално претпријатие да влезе во објектот и комплетно да го исчисти просторот во и околу домот.

Истовремено сакам јавно да го повикам и Министерството за внатрешни работи на поголема ажурност и постапување за што во текот на денешниот ден од општина Гази Баба ќе биде доставено и официјално писмено барање – напиша Стефковски на фејсбук.

Поранешниот градоначалник на Гази Баба, Борис Георгиевски, пак, во својата предизборна програма на последните локални избори тврдеше дека за Домот е изготвен основен проект кој предвидува повторно активирање на салата и враќање на библиотеката во објектот, а дека се предвидени и простории за младите.

Целта беше да се зачува постојната архитектура и да се обнови постојниот објект, кој буди спомени на генерации граѓани од Гази Баба и градот Скопје. Со подготовката на проектот општината може да аплицира за добивање средства до Владата, но и ЕУ фондовите, преку кои би се реализирал овој проект – рече тогаш Георгиевски.

За жал, освен ветувања, досега ништо конкретно не е направено за запуштениот објект

Повеќе

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close