Дете со искршени заби по напад од група малолетници во Влае – нов ужасен случај на врсничко насилство

Тринаесетгодишно дете било претепано од група малолетници во скопската населба Влае, дознава „Скопје1“. Според информациите до кои дојде редакцијата, во нападот учествувале околу 15 малолетници, а детето се здобило со сериозни повреди, меѓу кои и искршени заби. Во настанот, според сведоштва, детето било тепано со метал.

Нападот се случил во саботата на плоштадот „Делфина“, околу 00:30 часот, а истиот ден во 15:30 часот случајот во полиција го пријавила мајката на нападнатото дете.

„На 18.10.2026 во 15:30 часот во СВР Скопје 39-годишна жена пријави дека околу 00:30 часот на подрачјето на Влае нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од група малолетници од кои некои од нив ги познавал, а бил употребен и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР за „Скопје1“.

Полицијата го потврдува нападот и употребата на тврд предмет, но во официјалниот одговор не го наведува точниот број напаѓачи, ниту степенот на повредите. Според неофицијални информации од МВР, веќе дел од децата кои се сомничат дека го сториле насилството – се повикани во станица.

Случајот следува по неколку други напади врз малолетници во Скопје. На 9 октомври, во доцните вечерни часови, малолетник бил физички нападнат од група врсници во двор на основно училиште на подрачјето на Бит-пазар. Еден од напаѓачите го снимал насилството со мобилен телефон, а снимката потоа била објавена на социјална мрежа. Настанот бил пријавен во полицијата на 15 октомври.

Back to top button
Close