Детството и модерните свадби во природа


Само кога како возрасни се сеќаваме на свадбите во детството, помислуваме дека тие се одиграле за да ни покажат нам, на децата, дека и животот на возрасните е исто толку полн со загадочни ритуали и весели игри, како и детството. Така децата ја доживуваат секоја прослава во фамилијата – како празник и авантура, пишува Кица Колбе во колумна за Дојче веле.

Тоа двојно значење на празник и прослава го содржи германскиот збор Familienfest. Секој од нас ја има сочувано во паметење свадбата на некоја тетка или на некој вујко како бескраен празник, во кој како деца сме го доживеале животот како игрива церемонија со радост, музика и танц, во која и возрасните стануваат деца. Свадбите за мене во детството во егејското гето имаа особено силна магија, затоа што тие за детето мигновено го преобразуваа скромниот бегалски свет во бајка, затоа што, од неволја, тие секогаш се славеа на отворено, во дворовите, а на ливадата на соседот-сточар се виеја ората.

Свадбата на внука ми во мојата голема германска фамилија овој викенд неочекувано ме врати во детството. Затоа што се одигра во природа, како свадбите од моето детство. Секако, не од неволја, туку од желба за многу личен стил во свадбената прослава, нашите младенци направија свадба на поранешен земјоделски имот. Венчавката беше среде зелената ливада. Со чудесен поглед врз полиња и шуми, во спокојот на саботното пладне. Коктел-приемот, свечениот ручек и сите многубројни гастрономски и други настани, лежерно се редеа едни по други. Со бавно темпо, за да може секој детал свесно да се доживее. Тоа сугерираше дека совршената свадба мора да биде таков бесконечен празник, во слава на љубовта и на животот. На свадбениот празник и ние, гостите, веднаш го изгубивме чувството за време, со што младенците сакаа да нѐ потсетат дека во среќата на вљубените времето секогаш застанува. Прославата беше во бившата плевна, во помошните простории, во дворовите, верандите и терасите на имотот, околу кои раскошно цутеа рози, лаванди и хортензии.

Една дузина малечки деца везден трчаа наоколу, навистина уверени дека свадбата е само за нив. Особено при првиот ритуал, пуштањето да полетаат во небото на картичките со желби за среќа, врзани за шарени балони. На нашите младенци, надарени за литература и музика, кои сонуваат еден ден да живеат на сличен земјоделски имот во Тоскана, пуштајќи го балонот во небото му посакав да стигне далеку, таму на Југот, каде што на нив чека идната среќа. Да слета во некој тоскански двор, каде што во сенката на верандата ќе седат луѓе што го познаваат овој обичај. И ќе ја испратат картичката назад, на адресата на нашите младенци.
Во тој миг ми стана јасно што било тоа што сме го насетувале како деца во магијата на свадбите. Сознав дека самиот факт на животот е толку полн со таинственост, восхитувачка убавина и длабока смисла, така што тоа го вдахновува човекот на таа блескава полнота да одговори со свои ритуали и со свои симболични церемонии. Сета околна природа стана симбол! Кога природниот простор станува церемонијален, во нашата стишеност почнуваме со восхит да препознаваме во планините на хоризонтот ѕидови од невидлив храм, а зелената трева тогаш е свечен тепих кој, за разлика од црвениот, не зрачи строгост, туку, барем за децата, бескрајна слобода. Додека ние, возрасните, чекавме да се појави невестата и восхитено гледавме во синото небо, среќни што временската прогноза за дожд не се оствари, најмалечките веќе лежеа во тревата помеѓу редовите столови, пред нозете на родителите.

Си помислив, колку лесно забораваме во ова време на сеприсутноста во нашето секојдневие на вестите за војни и зла од сите страни на светот, дека ритуалите со кои ја славиме љубовта, фамилијата, заедништвото и полнотата на животот се токму тој вечен ред, кој е многу посилен и од војните и од сите човечки зла. Љубовта е најголемата сила што ни е дарувана нам, на луѓето, но таа сила се остварува само кога умееме да ги обединиме сите присутни во нашата љубов. Тоа го сторија со нас нашите младенци. Нѐ обединија, правејќи од непознатите гости една голема фамилија. Тој миг на преобразба на животот во љубовта отсекогаш ме восхитувал. Од моето детство во бегалското гето знам дека надежта во кризните времиња секогаш се раѓа од чудото на љубовта. Свадбите во него беа симболите на надежта дека, и покрај војната, траумата и загубата, животот, сепак, продолжува.

Нашите младенци нѐ маѓепсаа сите со силината на својата љубов, со својот сон за заедничкиот живот. Нивната радост беше толку заразна, што верувам дека, за миг, сите ја заборавивме нашата возраст. Сите бевме пак млади, понесени од желбата и копнежот, кои знаат дека за љубовта е сѐ можно. Секако, за да се случи тоа, за младенците е потребна храброст да сведочат за љубовта пред своите гости со сета своја фантазија, како што тоа го сторија нашите. Тогаш ја сознаваме длабочината на Христовите зборови за тајната на брачната љубов, која прави сопружниците да станат едно тело и еден дух. Кај нашите младенци тоа го чувствувавме во секој миг на нивната многу лична свадбена цереминија. Не само затоа што тие ја поседуваат дарбата, чувствата еден за друг да ги изразат во збор и во музика, пишувајќи поема за љубениот и компонирајќи мелодија за љубената. Нивната љубов ние, гостите, ја препознавме во секој детал, од облеката и декорацијата на просторот, па сѐ до изборот на активностите, кои самите ги конципираа и ги остварија со помош на роднините и пријателите. Така тие остварија многу несекојдневни нешта. На пример, одеднаш во дворот да се појави комбето на продавачот на оригинален италијански сладолед, а притоа небото да блеска небаре е навистина на Југот. Мене навистина ми се чинеше дека тој сладоледџија е оној од скопскиот парк или од некое тосканско село. Свадбата беше вистински празник на младоста! А ние, роднините, се чудевме кога од тие до вчера малечки дечиња, пораснаа овие чудесни млади луѓе? И кога ние, роднините, остаревме, исто без да забележиме?

На фамилијарните прослави ме плени атмосферата која ја создаваат децата. Се гледав себеси и моите сестри како седиме на земјата под масите на свадбите, од игривост, но и од здодевност, додека ги гледав малечките девојчиња како трчаат околу масите. А ултимативниот симбол за детската игривост се лулееше среде плевната како престол на фантазијата – лулашката, направена од долга штица, врзана со дебели ортоми врз гредите на високиот таван. На неа постојано седеа и се нишаа две-три дечиња. Во истовреме, додека нивните родители, баби и дедовци во аголот, крај тракторот, се костимираа со комични шапки и со огромни шарени очила за сонце, фотографирајќи се со некој чуден најнов изум на модерната техника. Секако, во Келн не може ниту свадба да помине без карневалски песни, кои овојпат беа во изведба на извонредно музикалната фамилија на зетот.

Додека надвор летната ноќ бавно се спушташе врз светот, во плевната со музиката се помеша чрчорот на птици. Сите се загледавме угоре, кон високиот таван, каде што слетуваа ластовиците во гнездото под ќерамидите. Јас, родена на Југот, ја знам навиката на ластовиците да градат гнезда во плевните. Во тој миг, Југот на моето македонско потекло и Северот на мојот германски живот станаа едно цело, затоа што и мене љубовта ме донесе во германската фамилија. На нашата свадба золва ми, мајката на невестата, имаше единаесет години. Како денес нашата внука, која на лулашката седеше крај братучетката во долгиот невестински фустан, со најубавиот венец од ливадски цветови и тосканска лаванда врз главата. А јас во себе мислев на балонот со честитките, кој сигурно непоколебливо иташе по ѕвезденото италијанско небо, кон тосканското село во кое, можеби, некои други младенци го славеа својот празник на љубовта со големата италијанска фамилија.

Back to top button
Close