Детството во Гевгелија – втор дел

Одлуката да го споделам моето детство со вас ја донесав спонтано, меѓутоа со тек на време разбрав дека има уште многу нешта кои не беа доволно искажани.

Повторно ќе се навратам на моето детство во Гевгелија, бидејќи токму тоа детство, искуството од тоа детство има големо значење во она што сум денес, во формирањето на мојата личност и моите животни вредносни принципи.

Денес ќе ви го задржам вниманието на нештата кои го обликуваат животот на граѓаните во тој прекрасен град на југот на Македонија, а тоа се моето школување и моето другарување.

Основното училиште го завршив во Скопје, а гимназијата ја завршив во Скопје и Гевгелија. Скопскиот земјотрес придонесе својата втора година од гимназија да ја поминам во гевгелиската гимназија Јосиф Јосифовски Свештарот, гимназија изградена на земјиштето на мојот покоен дедо. Другарите и другарките кои ги стекнав во тој период ми останаа до ден денешен мои и само мои. Од тие наши другарувања покојниот веќе Ристо Динов – Ице Фнди ми стана кум кој ми ги крстеше моите деца. После земјотресот го продолжив моето школување во гимназијата Јосип Броз Тито, до завршувањето на првото полугодие на четвртата година кога одлучив второто полугодие да го поминам во Гевгелија со старите пријатели.

Заминувањето од гимназијата Јосип Броз Тито гледајќи од денешен аспек се должи на две причини: прво мојот немирен дух за правдина и реагирање на неправди и, второ, недостаток на педагошки квалитети кај мојот професор. Имено, на час по математика бев изваден на табла да решавам дропки, ама со метод што беше предаван претходниот час по математика. Да појаснам, нашите часови по математика беа веднаш после часовите по фискултура, каде најповеќе игравме фудбал, а професорот по математика Новак Илиевски беше дојден во гимназијата како замена, чесен човек, меѓутоа со недоволно педагошко искуство. Тој го практикуваше лотарискиот систем на вадење на табла, односно бројка, каде по некоја случајност секогаш беше бројот 15, а тоа бев јас. Поставената задача за решавање на дропката јас ја решив, ама не по методот кој ни беше предаван, туку по предходниот метод. Резултатот на тоа мое решавање иако беше точно, беше еден-нула за професорот, бидејќи конверзацијата меѓу нас беше приближно следна: го прашав професорот дали е резултатот точен, а тој ми одговори да, точен е , еден-нула за мене и низ целата графа ми стави кец, неговото објаснување беше – не  го барав резултатот  туку методот на решавање, на што му одговорив, па нели резултатот е најбитен. Со кредата враце мавнав по професорот кој што најпрво удри во отворениот дневник каде што го пишуваше кецот, а потоа удри во неговото чело и самиот ја напуштив училницата. Токму во тој миг одлучив второто полугодие да го завршам во Гевгелија. Да дообјаснам, мојот професор ми се извини и бараше да останам и второто полугодие, бидејќи на писмената задача добив чиста петка, ама мојата одлука беше конечна.

Зошто ја избрав Гевгелија! Прекрасно детство со прекрасни спомени, прекрасни спомени во лицата на мојата тетка Катерина –Тинка и мојот тетин Коста-Кочо. Немаа деца, јас им бев најсаканото дете и ми ги пружаа сите нешта кои што мене ме чинеа среќен и радосен. Незаборавни се моментите уште од втората година гимназија кога мојот тетин Кочо секогаш присуствуваше на родителските состаноци седејќи во прва клупа и не забораваше да го праша класниот каков е мојот внук Трифун-Пуне. Кога ќе добиеше информација дека сум навистина одличен ученик веднаш ќе отидеше во кафаната прекрасно расположен честевајќи познат и непознати и весел, малку поднапиен се враќаше дома да  ѝ пренесе на мојата тетка дека Пуне е одличен. Ваквиот однос на мојот покоен тетин Кочо продолжи и во второто полугодие на мојата четврта година гимназија која ја завршив во Гевгелија.

Се прашувате што е тоа што ме врзува за моите другари во Гевгелија? Научив да работам и да заработаувам за својот џепарлак. Гевгелија и гевгелиско има многу необработена земјоделска површина, така што со другарите садевме ран домат, кој заеднички го работевме од изнесување расад на поле, собирање на колци и нивно вметнување до коренот на доматот, а во времето на растот моравме да го врзуваме стеблото за колецот со цел родот да биде заштитен и чист. Редовно ги наводнувавме, прашевме и прскавме против штеточини. За овој мој труд и денеска имам белези на моите дланки. Ние четворица, а тоа се: мојот кум Ице, Дине Малев, Анго Делев и јас заработувавме џепарлак кој ни служеше за цела година. Самоук сум на свирење гитара, пеењето ми е наследство од моите родители, така што во град како Гевгелија дружењата често ги поминувавме во правење забави во деновите кои дозволуваа да бидеме надвор. Честопати преку ден бевме покрај Вардар на Вардарскиот рид или пак во некоја од семејните куќи како Вила Тина која се наоѓа на главната улица во Гевгелија, блиску до железничката станица.

Најубав дел од ова наше другарување се нашите така-наречени ноќни серенади. Вообичаено во годините на нашиот пубертет имавме девојки, симпатии со кои го споделвавме времето и животот, ама независно дали било лето или зима серенадите беа дел од нашето секојдневие. Јас серенадата ја научив од најпознатите гевгелиски боеми Џаџев Илија кој свиреше хавајка и луѓето кои што ја практикуваа гитарата Кочка, Диманче и мојот братучед Мичо. Со моите другари одевме по дворовите и прозорците на нашите симпатии и пеевме песни кои беа прифатливи и модерни во тие времиња. Една од најпознатите песни која ја свиревме и пеевме во тоа  време беше „Била је тако лијепа“ која ја изведуваше познатиот  во тие времиња Драган Стојниќ. Нештата кои ги обликуваа овие серенади се уникатни. Доколку немаа намера да ни отворат врата да влеземе во куќата три пати ќе ни трепнеа со светлото, меѓутоа најчесто бевме поканувани внатре и бевме послужувани со тоа што го имаа по дома, а ние продолжувавме со нашите песни и свирки, но имаше и моменти кои останаа длабоко врежани во мојата меморија. Имено, при една серенада го погрешивме прозорот под кој пеевме и многу убаво што беше лето, бидејќи од прозорот бевме полеани со ладна вода. Има ли нешто подобро за паметење? Гевгелиските серенади и денеска се за мене синоним за една длабоко врежана традиција која многу се практикуваше во тогашните мали градови.

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close