Девет денари за кеса во Грција, а 7,5 денари во Србија, ССК реагира дека нема пазарна логика цената од 15 денари за кеса во земјава
Од Групацијата на производители и преработувачи на пластични маси при Сојузот на стопански комори испратија испратија неколку барања до Министерството за животна средина и посочија дека е
неопходно и да се интервенира во казнените одредби, бидејќи глобите за трговците се и до 180 000 евра
Откако од вчера стапи во сила новата законска регулатива, според која кесите во сите пазарни објекти чинат 15 денари, а сумата ќе оди во фонд за заштита на животната средина, веднаш настана конфузија кај продавачите и купувачите.
Некои од продавачите во маркети уште од вчера тврдат дека тоа се истите кеси од пред два дена, кои сега само се наплаќаат поскапо, а дел од пазарџиите, пак, велат имаат биоразградливи кеси, но не ги продаваат бидејќи не можат да издадат фискална сметка и сè уште се чека властите да кажат на кој начин тие ќе се пласираат на пазарот.
Денеска на прес-конференција и Групацијата на производители и преработувачи на пластични маси при Сојузот на стопански комори излезе со критики за новите правила. Оттаму велат дека не е познато на што точно ќе се трошат парите што ќе стигнуваат во Министерството за животна средина.
„Сметаме дека надоместокот што ќе го плаќаат граѓаните за една кеса од 15 денари претставува дополнителен финансиски товар, во време на економска криза и пандемија. Производителите на пластични кеси се соочени со големи проблеми бидејќи голем дел од нарачките се откажуваат, со што значително се намалува обемот на работа. Примената на законското решение е проблематично и затоа што нема прецизен план и програма за што ќе се трошат средствата што ќе се уплаќаат на сметката во Министерството за животна средина“,вели Ели Качева, претседавач на Групацијата, додавајќи дека поради недореченостите во законот во моментов владее хаос.
За надминување на оваа ситуација, од оваа групација јавно испратија неколку барања до Министерството за животна средина, а потсетија и дека цената на овој тип кеси во регионот е значително пониска.
Групацијата истакнуваат неколку барања упатени до Министерството за животна средина.
„Прво бараме да се укине надоместокот од 15 денари бидејќи не само што нема никаква пазарна логика туку е и многу повисок споредено со другите држави. Компаративната анализа што ја направивме покажува дека цената на кесите во Србија изнесува 7,5 денари, а во Грција 9 денари. Сметаме дека зголемувањето на цената треба да биде сукцесивно во етапи. Исто така неопходно е да се интервенира во казнените одредби бидејќи глобите за трговците доколку на пример не водат соодветна евиденција за продажбата на кеси се и до 180 000 евра. Од овие законски измени директно е засегнaто опстојувањето и егзистенцијата на 32 претпријатија кои бројат вкупно 600 вработени физички лица, невклучувајќи ги и надворешните соработници како добавувачи на репроматеријали, дистрибутери. Затоа е неопходно законот да се измени и да се изнајде заедничко решение, во консултација и работни групи со производителите и трговците“,заклучи Качева.