“Заслепен од Љубов“ на Франко Б. ќе го отвори Викендот на гордоста

– Деветтиот по ред Викенд на гордоста – Скопје, фестивал за квир култура, уметност и теорија ќе се одржи од денеска до 9 јуни во Музејот на современа уметност, КСП Јадро и кафе барот Шортбас.

Основната кураторска тема на овогодишното издание на Фестивалот, како што посочуваат организаторите е „Настрано Заедничко: Политики на пријателство, љубов и афекти“.

– Со оваа тема целиме да ги поставиме во центарот на квир политичките, социјални и културни ориентации прашањата поврзани со мислењето, дистрибуцијата и втемелувањата на заедничкото и заедничките добра (the common/s). На заедничкото и заедничките добра ќе им пристапиме преку критичко истражување на нормативните претпоставки за пријателство, љубовта и емоциите врамени во хегемонската хетеронормативност и машките политички имагинации, како и нивните импликации за нашите социо-политички хоризонти, наведуваат во соопштението.

Фестивалот, додаваат, се стреми да понуди и алтернативни форми на замислување, пракса и отелотворување на заедничкото и политиките на пријателство и љубов, тргнувајќи токму од структурната позиција на маргините, како и социо-културни и интимни практики и инфраструктури за грижа, поддршка и заедничарење во квир и феминистички заедници и мрежи.

Овогодинашниот фестивал ќе биде отворен во 20:30 часот во МСУ со ретроспективна изложба “Заслепен од Љубов“ на уметникот Франко Б.

Публиката, како што најавува тимот Викендот на гордоста Скопје 2021, ќе може да го проследи и најновиот перформанс на Нао Бустаманте (САД), легендарна латино уметница, чии дела опфаќаат перформанси, видео инсталација, кинематографија, скулптура и пишување, а во Скопје ќе настапи заедно со Маркус Куиланд Назарио (САД).

Во рамки на целокупната програма ќе се претстават и: танц триото Steam Room, потоа перформанс колективот Спиз! од Велика Британија, во соработка со македонската дрег кралица Токио де Вил, македонските уметници Зорица Зафировска и Дарко Алексовски со заедничка изложба во КСП Јадро, и џез триото Светлост. Како и изминатите, и оваа година ќе има две предавања, едно перформативно предавање на проф. Јелисавета Благојевиќ од Белград, и онлајн предавање на Франко Б.

Фестивалот е во организација на Коалицијата Маргини и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира во партнерство МСУ и ЈАДРО, со поддршка на Фондацијата Heinrich Böll Stiftung, Амбасадата на САД, Амбасадата на Кралството Холандија, Фондацијата отворено општество Македонија, Европската унија во рамки на меѓународниот проект ВРЕМЕТО Е СЕГА, Министерството за култура и Град Скопје. Медиумски покровител на фестивалот е Портрет Магазин.

Целата програма на фестивалот, додаваат организаторите, е замислена да одговори на протоколите пропишани за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата.

Back to top button
Close