Девојка со нож нападнала полицаец во Белград, тој испукал неколку куршуми од кои еден ја погодил во ногата
Од Обвинителството велат дека осомничената ќе биде задржана до 48 часа поради постоење сомнение дека го сторила кривичното дело обид за убиство

Утрово, околу 4 часот, се случил инцидент на влезот во полициската станица Савски венец во Белград кога 24-годишната М.А., државјанка на Босна и Херцеговина, со нож нападнала полицаец кој ја чувал станицата, пишуваат српските медиуми.
Нападот се случил на скалите пред влезот во полициската станица. Полицаецот, избегнувајќи неколку последователни напади, се обидел да ја совлада девојката, но и покрај предупредувањата, таа немала намера да се откаже од нападот.
За да се заштити, полицаецот бил принуден да го употреби службениот пиштол, при што испукал неколку куршуми во воздух и на земја, а еден ја погодил девојката во нога
Девојката веднаш била пренесена во Военомедицинската академија (ВМА).
Според првичните информации, таа е свесна и комуникативна со повреда на долниот екстремитет.
Мотивот за нападот врз полицаецот засега е непознат и ќе биде утврден за време на детална истрага од страна на надлежните органи.
По инцидентот, дежурниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград спроведе истрага на лице место во полициската станица Савски венец.
Од Обвинителството велат дека осомничената ќе биде задржана до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека го сторила кривичното дело обид за убиство.
Во соопштението од Обвинителство се вели дека М.А. дошла на влезот на ПС Савски венец и почнала да се расправа со полицаецот барајќи „полицијата да оди во Чациланд“. Кога полицаецот видел дека девојката има нож со себе, побарал поддршка, а кога дошле од итната помош, тој се упатил кон М.А. со палка, а таа се обидела да го прободе со нож. Полицаецот успеал да избега од станицата.
„М.А. го следела со нож во рака, по што полицаецот го извадил службениот пиштол и по опомена и предупредување испукал неколку проектили во воздух и во подот, од кои едниот ја погодил осомничената во ногата“се додава во соопштението од Вишто јавно обвинителство.
Оттаму додаваат дека кај полицаецот В.В. биле констатирани полесни телесни повреди и тој бил пуштен од здравствената установа. Кај М.А., пак, биле констатирани тешки телесни повреди во форма на прострелна рана во горниот дел од ногата, и таа ќе биде оперирана.
По проверките било утврдено е дека М.А. влегла во Република Србија на 29 септември годинава и нема пријавено живеалиште.
Првите резултати од истрагата, како што додаваат од Обвинителството, укажуваат дека полицаецот постапил во согласност со законот.






