Дезинфекција на јавните површини во Охрид по продолжениот викенд

Согласно препораките на Кризниот штаб за справување со епидемијата на коронавирусот екипи на Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ уште рано изутрина извршија дезинфекција на главните улици, шеталишта и јавни површини низ Охрид.

Со специјални пумпи, прскалки и дезинфекциско средство беа третирани јавните површини каде има најмногу пешаци, најфреквентните улици, како и станбени комплекси.

Одлуката за дезинфекција на јавните површини беше донесена од Општинскиот кризен штаб уште пред почетокот на продолжениот викенд кога во градот од другите градови каде имаше целосен полициски час пристигнаа повеќе илјади граѓани.

Засилените контроли спроведени од Државната пазарна комисија покажаа дека во најголем дел тие беа сместени во сопствени станови и вили, но и неколку случаи затекнати гости во регистрирани сместувачки капацитети, чии сопственици заради тоа заработија кривични пријави.

Од Кризниот штаб на Охрид беше најавено дека ќе продолжат со активностите на терен за дезинфекција на јавните површини, но беше донесена и одлука за зголемување на подготвеноста на капацитети на здравствениот систем во Охрид, при евентуален поголем прилив на заразени од „Ковид 19“, доколку бидат исполнети капацитети на Инфективната клиника во Битола и болничките капацитети во Скопје.

Изминатата седмица на територијата на Општина Охрид дијагностицирани се девет случаи на Ковид 19. Според податоците на Центарот за јавно здравје, во Охрид има двајца пациенти на домашно лекување и три хоспитализирани лица.

Back to top button
Close