Дијабетичарите ќе протестираат ако министерот Азир Алиу дозволи комисија да им ја штелува терапијата за контрола на шеќерот
Сојузот на здруженија на дијабетичари преку отворено писмо до јавноста упатено до министерот за здравство Азир Алиу укажува дека правата на дијабетичарите во Македонија, корисниците на инсулинската терапија и друга современа антидијабетична терапија се загрозени и прекршени преку тендерот што го распишало и спровело Министерството за здравство за набавка на овие средства за контролирање на шеќерот.
Критериумите за избор на ленти, ланцети, глукометри и сензори се сведуваат на најниска понудена цена. Ова е во кратки црти она што го заговара комисијата која е дел од вашето министерство а кој што став е целосно спротивен од нашите потреби за обезбедување на современи помагала со дефинирани и прифатливи перформанси. Тендерот за набвака на инсулинска терапија е завршен и договорите се потпишани пред речиси два месеци. Во овој момент се уште немаме достапни количини за ново поставени пациенти на современата антидијабетична терапија. За ова како сојуз бевме известени од страна на претходниот министер како големо постигнување на нашето министерство, истото го поздравивме со големо воодушевување но од тоа за сега сеуште нема ништо и се чувствуваме целосно излажани и изиргани. Количините на инсулинските производи по инсулинските аптеки се сведени на минимум и со тоа не се обезбедуваат предуслови да се задоволат потребите на постоечките пациенти, вели Диме Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичарите.
За постоечките пациенти, од Сојузот велат дека од некои од докторите ендокринолози кои работат во центрите за дијабетес до нив како сојуз, стасале информации дека комисијата за дијабетес ќе почне да прави ревизија на постоечката терапија. Им било наведено дека на сите постоечки пациенти со современа терапија, истата ќе им биде ревидирана.
Дали оваа ревизија значи дека доколку комисијата одлучи дека некој пациент не треба да биде повеќе на терапија што му ја одредил неговиот матичен ендокринолог ќе биде сменет односно префрлен на друга терапија?! Како Вие на нас како пациенти ќе ни објасните дека ние ќе добиваме терапија по ревизија која нема да се прави во лекарска ординација туку во некои од салите за состаноци во Министерството за здравство?! Дали ова значи дека комисијата за дијабетес на чело со нејзиниот претседател не им верува на стручните компетенции на неговите колеги ендокринолози, дали тие според него тие не се стручни да одлучуваат за нашата тековна терапија? Ако е тоа така, тогаш јавно прашуваме кој тоа нас не лечи и каде се нашите права согласно законот за заштита на правата на пациентите? Дали ова значи дека ниту еден центар за дијабетес не е покриен од стручни и компететни ендокринолози кои не знаат да применуваат медицина базирана на докази? Дали ова значи дека, сите преку 40.000 пациенти корисници на инсулинска терапија, ќе треба да дојдеме во Министерсво за здравство на преглед и дали за тоа ќе треба да закажеме термин преку системот „Мој Термин“? Ова прашуваме од логистички аспект да знаеме со време да си закажеме преглед кај комисијата. Пробуваме и во оваа лоша ситуација да останеме позитивни но се плашиме дека ѓаволот веќе ја однел шегата, додаваат од Сојузот.
Додаваат дека не сакаат да веруваат во овие гласини дека ова е законски пропишано, го погледнале и законот за здравствена заштита и останале фрапирани дека навистина во овој закон ингеренециите на комисијата за дијабетес се повеќе од реално дозволени и изводливи активности.
Наш пропуст е што досега како сојуз не сме биле свесни за овие законски одредби, но ова е навистина неприфатливо и надвор од еден здрав и реален разум. Имено, за ниту една друга болест, за ниту една друга терапија не постои комисија која е влезена во закон (овде ги исклучуваме ретките болести) и на ваков начин ние како пациенти сме обесправени во однос на сите други пациенти, се прашувате зошто? Затоа што прво треба да бидеме прегледани од нашите матични ендокринолози, па потоа да одиме на преглед кај комисијата / или да чекаме комисијата да ни ја евалуира документацијата за одредена современа терапија затоа што на ваков начин ние се чувствуваме како пациенти/граѓани од втор ред. Само за нас треба да одредува адекватност на терапија некоја комисија. Ве прашуваме за која друга хронична болест постои вакво законско решение? Овде сакаме да прашаме по кои водичи ќе се води комисијата односно нејзиниот преседател? Очекуваме и нормално е да се води по ADA/EASD водичите кои се прифатени од нашето професионално здружение на ендокринолози во чие што пишување веруваме дека биле вклучени сите членови на комисијата вклучително и нејзиниот моментален претседател или можеби не?, прашуваат од Сојузот на здруженија на дијабетичари.
Затоа што се работи за еминентни национални стручњаци, зошто сега се доведува во прашање стручноста на нивните колеги од центрите за дијабетес кои во нивната секојдневна работа се придржуваат на овие национални препораки, зошто сега треба да се прави ревизија на нивната препишана терапија кога знаеме дека сите тие се членови на националното здружение и целосно ги почитуваат нивните препораки?, прашува Здружението.
Само по себе кај нас се наметунува дилемата дали можеби преку ноќ се сменети некои препораки кои не се прифатени од нашето професионално здружение или можеби се работи за некој личен каприц на моменталниот претседател на почитуваната комисија за дијабетес? Во ова второто не сакаме ниту да поверуваме затоа што не сакаме да поверуваме дека некој доктор во улога на претседател е способен да го загрози живот на 40.000 пациенти, а со тоа и на (140.000 жители во нашата држава) со остварување на неговите лични амбиции, хирови и слично. Исто се прашуваме дали вакви административни ревизии на терапии од комисии во состав на министерства се согласно препораките на IDF I WHO? Во International Diabetes Federation сме активни и рамноправни членови и ќе ги прашаме, можеби и ќе ги научиме како не треба да се земат предвид потребите и правата на пациентите!, пишува во соопштението.
Оттаму апелираат министерот и Министерството за здравство да најдат разбирање и пациентите со дијабетес да не се како што велат – „потенцијални заложници на нечии лични амбици и лични убедувања“.
Никој од нас 40.000-те илјади пациенти не е поставен на терапија ако немало медицинска потреба за истата и ниту една терапија не е препишана од доктор кој не е обучен да ја дава терапијата што ни е потребна. Напоменуваме дека било која потенцијална ревизија на нашата терапија ние ќе ја сфатиме како обид за губење на нашето веќе стекнато право за современа терапија и како директен удар на нашето здравје. Итно бараме промена на законските ингеренции на националната комисија за дијабетес затоа што моменталните се поставени над нашиот систем за здравствена заштита и се во директна колизија со стручните момпетенции на лекарите кои веќе се овластени да препишуваат терапија која ни е потребна на нас пациентите со дијабетес, а кои не се членови на комисијата. Согласно овие законски одредби само 5 доктори во цела држава ќе имаат право и привилегија да одредуваат терапија која спасува животи, терапија која намалува компликации, терапија која го подобрува квалитетот на нашиот живот, велат од Сојузот.
Оттаму бараат итно новите количини од современата терапија да бидат испорачани до инсулиниските аптеки, а системот да биде одблокиран за да се иницираат нови пациенти. Овие количини како што велат, се обезбедени со тековниот тендер ама некои администратори/претседатели го кочат процесот на штета на здравјето на оние пациенти на кои овие лекови им требаат и веќе два месеци се надеваат дека ќе ги добијат.
Итно бараме распишување на тендерот за глукометри, ленти, ланцети и сензори согласно критериумите кои ќе бидат прифатливи од нас пациентите. Апелираме и спремни сме за ревизија но да се направи ревизија на 2015, 2014 кога исто така комисијата за дијабетес во тоа време, замислете со ист член кој сега е претседател даде амин за паралелен увоз, даваше инструкции за административно префрлување на пациенти од една на друга терапија, администратитво и кабинетски допринесуваше да се влоши здравјето на нашите пациенти и ние тоа како пациенти ниту можеме ниту сакаме да го заборавиме!, велат од Сојузот на дијабетичарите.Оттаму додаваат дека додека во современите и развиени европски и светски здравствени системи препишувањето на антидијабетичната терапија е симнато на примарно ниво, а кај нас со овие најави дури ни лекар/специјалист/субспецијалист/професор од терциерно ниво нема да смее да препише терапија која не е одобрена од комисијата за дијабетес.
Е ова е трагедија почитуван министер ако се дозволи! Затоа нас не ни останува ништо друго, ако на ова наше барање/ апел не одговорете кооперативно и свесно да повикаме на јавен протест пред министерсво за здравство и пред Влада на Република Северна Македонија затоа што веќе нема да прифатиме само ние пациентите со дијабетес да бидеме третирани како пациенти на кои се трошат најмногу пари, како пациенти на кои треба да им се скратат веќе стекнатите права, како пациенти кои биле лечени од некои нестручни лекари па сега нашата терапија треба да биде ревидирана од комисија, како пациенти на кои треба да им се дадат најевтините глукометри итн. Веќе нема да прифатиме некој да не користи како алатка за поткусурување ниту да не става во позиција на граѓани од втор ред. Очекуваме брза реакција од ваша страна во интерес на членовите на СЗДСМ, во интерес на нашите семејства, доктори, вас како Министерство за здравство и во интерес на целата држава, завршува отвореното писмо потпишано од Сојузот и неговиот претседател Диме Велев.