Дијабетичарите со претставка до Омбудсманот: Предолго чекаме за глукомери и ленти кои ни се неопходни за нормален живот
Во името на 116 илјади дијабетичари во земјава, Сојузот на здруженија на дијабетичари поднесе претставка и барање за итно постапување на Народниот правобранител поради недостигот на глукомери и ленти за контролирање на шеќерот во крвта – проблем со кој пациентите со дијабетес се соочуваат подолго време.
„Периодот во кој пациентите се оставени без, неопходните за нормален живот – глукомери и ленти, е долг веќе девет месеци со што на пациентите им е повредено правото за здравствена заштита загарантирано со Уставот на РСМ, а воедно им е предизвикана материјална штета бидејќи сите пациенти во изминатиот период лентите ги купуваат во аптеките со сопствени средства“ се наведува во претставката која Сојузот на здруженија на дијабетичари го поднесе до народниот правобранител.
Додаваат дека и покрај двете средби кои претставници на Сојузот ги оствариле со министерот за здравство Фатмир Меџити, решение за проблемот со кој се соочуваат дијабетичарите сè уште нема.
„Силно веруваме дека државата има полн капацитет да ги заштити правата на граѓаните за здрав живот, да им го врати мирот, достоинството, спокојот и нормалниот живот без ризик, на 44 000 свои граѓани. Како хумана држава, мора да го одржава високо квалитетот на животот на сите свои граѓани, особено на децата и младите до 18 години заболени со дијабетес тип 1“ се додава во претставката на Сојузот.
Посочуваат дека од вкупниот број на дијабетичари во земјава (116 илјади), 4 000 се со дијабетес тип1 (600 деца до 18 години), а 40 000 со дијабетес тип2. Сите 44 илјади се инсулинозависни, а останатите се на таблетарна терапија.