Дијана Хрка 14. ден штрајкува со глад – повторно прими инфузија, а лицата што ја чуваат се загрижени за нејзиното здравје
Еден од ветераните што ја чуваат и штитат денеска прочита писмо што здравствените работници и го испратиле на Дијана Хрка, во која ја изразуваат својата загриженост за нејзиното здравје и ја замолуваат да го прекине штрајкот со глад и на друг начин да ја продолжи со својата борба
Дијана Хрка, чиј син загина при падот на настрешницата во Нови Сад, 14. ден штрајкува со глад пред српскиот парламент во Белград. Како што објавија дел од српските медиуми таа денеска повторно била да прими инфузија во локална приватна клиника.

Таа до клиниката била однесена со автомобил, во кој за да влезе ѝ помогнале ветераните, односно лицата што ја чуваат и ѝ помагаат во нејзината битка.
Имено, Хрка е во инвалидска количка неколку дена и само повремено го напушта шаторот каде штрајкува со глад На крајот од редот шатори, од кои еден е наменет за неа, има граѓани кои ги поддржуваат нејзините барања.
Таа бара да се утврди вистината за смртта на нејзиниот син, Стефан Хрка и петнаесет други лица кои загинаа при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, како и ослободување на студенти од притвор и распишување избори во Србија.
Ветеранот Ненад Станиќ, еден од оние што ја чуваат Хрка, денеска за телевизијата Н1 изјави дека се загрижени за нејзиното здравје и дека е прашање на време кога тоа ќе се влоши.
„Денеска бевме на клиниката, параметрите се сè уште стабилни, но мора да изразиме загриженост за нејзиното здравје. Прашање е кога нејзиното здравје ќе се влоши. Утре, односно секој ден, повторно ќе ја носиме на клиниката. Ги прима потребните инфузии и тоа е она што го имам да кажам, што се однесува до нејзиното здравје“вели тој, додавајќи дека лекарите дури и денес ѝ предложиле да остане во болница, но дека таа одбила.
Станиќ вели дека Хрка е „со здрав ум, смирена и стабилна“ и дека сè ќе биде како што таа ќе одлучи






