Дијаспората го затегнува каишот

За очекување ли е учеството на дијаспората во директни инвестиции драстично да се намали, како и да „секнат“ девизните дознаки кои стигнуваат од странство и ги добиваат граѓаните во земјата. Причината за тоа, меѓу другото, е и поради големото незадоволство меѓу иселениците од политиките на македонската влада во изминатите три години, поврзани со промената на името, идентитските и јазичните прашања, историјата и односите со соседите.

Така барем може да се заклучи од некои размислувања и изливи на емоции на социјалните мрежи и во медиумите, кои претндераат да ја артикулираат растечката свест меѓу македонската емиграција, и нејзините незадоволства и критики кои наводно може да се подведат под заеднички именител. Добар пример за тоа беше и едно интервју на ТВ Алфа со глобалниот координатор од Вашингтон на движењето кое се нарекува „Ние сме Македонија“. Не само намалената „финансиска“ волја на иселениците да ја помагаат татковината, туку и нивната желба да учествуваат на изборите тоне какао камен во океан, можеше да се слушне од споменатото интервју.

Но на каков начин функционира тоа „глобално координирање“ на дијаспората не можеше да се слушне ниту збор. Ниту пак беа посочени какви било истражувања врз кои се темелат храбрите заклучоци за ширењето на апатија меѓу печалбарите кои сè помасовно ù го вртат грбот на татковината. Едноставно, субјективни гледишта и ставови од некоја група или групичка, како и обично кога е дијспората во прашање, се продаваат и пласираат како проверени, апсолвирани и општоприфатени и потврдени вистини.

Успеваа ли Македонија да го искористи потенијалот на својата емиграција, или постојано се соочува со пропуштени шанси на тој план? До одговор на ова прашања веројатно ни најмалку не е лесно да се дојде. Може ли, всушност, државата преку својот апарат да интервенира во јакнењето на мобилизираноста на дијаспората и воопшто свеста за културниот идентитет во редовите на многубројнато иселеништво? Одговорот секако е потврден, но прашањето за изборот на методологијата за остварување на таа цел бара поширока анализа. Но, со постојано симплифицирање на феномените поврзани со оваа проблематика, Македонија тешко ќе успева во напорите да изгради ефикасна стратегија за прагматичен пристап во однос на унапредувањето на врските на иселениците со татковината.

Слабоста на дијаспората е пред се во тоа што нема никакви поврзувачки нишки меѓу иселениците, (тие се целосно разединети и настапуваат главно инцидентно и според интензитетот на дневно-политичките хаварии што често ги предизвикуваат неодговорни поединци и медиуми во Македонија што си земаат за право да ја осудуваат и со тешки навреди жигосуваат иселената Македонија.

Премногу се присутни напори во Македонија, дури и највисоко интелектуално ниво, иселениците да се прикажат како егоисти, примитивни и неманципирани граѓани, да се понижи и со валкани, калливи чевли да се згазне нивното чувство за припадност кон сопствениот народ и татковина. Се чека секоја поволна пригода за да се потхранува таа мрачна агенда со нови сомнителни мотиви.

Потенцијалите за вмрежување, застапување на интересите и подобрување на положбата на дијаспората се мошне слабо исползувани, и тоа главно преку кампањски пристап од страна на македонските државни органи во однос на случајно детектирани прашања за решавање. За волја на вистинита, македонскиот министер за дијаспора Едмонд Адеми правеше значајни напори за деполитизација на ова прашање.

Во секој случај, слаба е вклученоста на емигрантите во политичкиот и економските живот во матицата. Во исто време, пак, македонските организации во дијаспората се фрагментирани, оддалечени и меѓусебно неповрзани, и во недостиг на поконтинуирани форми на размена на искуства и информации немаат некои посебни сознанија за дејноста која се остварува во за нив поблиски или подалечни иселеничките средини. Оттаму е и нејасно каква е функцијата на некакви глобални координатори? Македонските иселенички организации всушност не соодвествуваат на новиот дух на времето, пред се кога станува збор за потребите на подинамичната млада генерација, која затоа не е ни заинтересирана да се вклучи во нивното работење. Македонија, се чини, не покажува ниту доволно слух за зголемување на бројката на конкретни програми во врска со клучниот предизвик – запирање на одливот на младите високообразувани кадри, ниту пак се заговараат специфични пројекти и акции за поддршка на циркуларни миграции, на пример, гостувања и предавања на реномирани универзитетски професори и деловни луѓе од дијаспората. Ако нешто такво и се случува, тогаш главно се реализира преку индивидуални заложби на универзитетите, поединици и некои странски фондации. Сериозни истражувачки пројекти за состојбите во македонската дијаспора едноставно не постојат. Дали поради недостиг на финансиски средства, или, пак, поради недостиг на идеи како да се пристапи кон оваа исклучително важна проблематика?

Дали „глобални координатори“ во дијаспората можат да ги оправдаат своите високопарни и амбициозни титули, останува да се види. Повеќе би требало да се очекува дали државата може преку својот апарат да интервенира во јакнењето на мобилизираноста на дијаспората и воопшто свеста за културниот идентитет во редовите на многубројнато иселеништво? Одговорот секако е потврден, но прашањето за изборот на методологијата за остварување на таа цел бара поширока анализа, која државните институции еднаш би требало да ја направат. Но, со постојано симплифицирање на феномените поврзани со оваа проблематика, Македонија тешко ќе успева во напорите да изгради ефикасна стратегија за прагматичен пристап во однос на унапредувањето на врските на иселениците со татковината.

Затоа, до одговорт на прашањето дали иселениците навистина го стегаат каишот, ќе треба да се дојде преку посериозен пристап, а не преку ефтини , „петпаречки“ телевизиски муабетења.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close