„Диџеј Ахмет“, дебитантниот филм на Унковски, со позитивни критики во Варајети и Холивуд репортер
Дебитантскиот филм на режисерот Георги Унковски „Диџеј Ахмет“ кој премиерно беше прикажан на фестивалот „Санденс“ во конкуренција за награди на програмата Светски филм доби одлични рецензии во две од трите највлијателни филмски списанија „Холивуд репортер“ и „Варајети“.
„Холивуд репортер“ го фалат пристапот на Унковски чија претежно аматерска актерска екипа успеала да создаде солидна натуралистичка изведба. Според нив, Унковски и кинематограферот Наум Доксевски го капат филмот во златно светло кое е далеку од мрачниот изглед на многу уметнички филмови сместени во поранешните балкански земји.
„Замислете си го ‘Безгрижен’ (Footloose) да се случува токму сега во едно мало село во Македонија и ќе ја добиете атмосферата зад трогателниот игран деби филм на сценаристот и режисер Георги М. Унковски, ‘Диџеј Ахмет’“, пишува филмскиот критичар Џордан Минцер.
Критичарот Карлос Агилар, пак, од „Варајети“ вели дека филмот е создаден на начин „кој те тера да им го препорачаш на сите, за и тие да можат да уживаат во неговите прекрасни задоволства. Тој е откровение кое беспрекорно ја преминува линијата помеѓу филм што предизвикува смеа до солзи и уметничко дело со трогателна тежина. Иако навлегува во очекуваната тематика на созревање (преку расцутувачка романса, желбата за утврдување на сопствениот идентитет и конфликтот меѓу родителите и децата), културниот контекст, инвентивниот раскажувачки стил на Унковски и сосема извонредната актерска екипа за првпат создаваат уникатно дело кое стои само за себе“, пишува во рецензијата на Варајети.
Во разговор со „Варајети“, Унковски зборува дека токму изборот на актерката екипа е еден од најголемите успеси на филмот, укажувајќи дека е пресреќен со изборот на актерите за кои имале неверојатно детален кастинг процес. „Поминавме 3 000 деца од оваа етничка заедница во Македонија и го сведовме изборот на 60 кандидати“, вели Унковски меѓу друго во интервјуто.
Сместен во оддалеченото јуручко село Коџалија во Источна Македонија, „Диџеј Ахмет“ на турски и на македонски јазик ја раскажува приказната за 15-годишниот Ахмет кој наоѓа прибежиште во музиката и сонува да стане диџеј додека се справува со очекувањата на татко му, конзервативната заедница и неговото прво искуство со љубовта – девојка која веќе му е ветена на некој друг.
Филмот е драма со примеси на комедија, приказна за љубовта, пријателството и самооткривањето на еден тинејџер, поставена на динамична заднина во која се судираат традиционалните вредности и модерното време. Снимањето на филмот траело 36 дена и се одвиваше на крајот на 2023 година, во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш, а дел од снимањето беше и во Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Ариф Јакуп, Дора Акан Златанова, Агуш Агушев, кои првпат се појавуваат на филмското платно, и Аксел Мехмет, кого многумина веќе го знаат од „Исцелител“.
Во другите улоги се: Селпин Керим, Атила Клинче, Елхаме Билал, Адем Карага, Хакан Даци, Метин Ибрахим, Јеткин Сезаир и други. Кастинг-директор е Киријана А. Николоска.
Сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф Роза Трајчевска, шминка и маска Душица Вуксановиќ-Дуда, снимател на тон Павел Јан, монтажер Михал Раих. Кастинг директор е Киријана А. Николоска.
Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.
Филмот беше поддржан со 23.5 милиони денари (околу 380.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм за 2020 година во втор рок на одлучување, а доби поддршка од 160 илјади евра на паневропскиот филмски фонд Еуримаж.