Ди Џовани: Пресудни за добриот образовен систем се мотивирани и компетентни наставници

– УНИЦЕФ на Меѓународниот ден на образованието, ги повикува сите чинители да останат посветени на реформите во образовниот систем базирани на докази, при што учениците да бидат во центарот на промените, порача денеска претставничката на УНИЦЕФ Патриција ди Џовани по повод Меѓународниот ден на образованието.

Таа посочи дека денеска го прославуваме Меѓународниот ден на образованието со глобална тема „Да се обнови и да заживее образованието за генерацијата на КОВИД-19“.

-Истражувањата во светски рамки покажуваат дека главниот двигател на добрите резултати во образованието е квалитетот и компетентноста на наставата. Затоа, пресудни за добриот образовен систем се мотивирани и компетентни наставници. Образовниот систем, на чело со наставниците, треба да им помогне на учениците да стекнат знаење, притоа оспособувајќи ги да го користат знаењето, да развијат социјални и емоционални вештини, умешност за критичко и креативно мислење, самодисциплина, љубопитност и чувство на припадност и цел, рече Ди Џовани во изјава за медиумите.

Во моментов, додаде, земјата е во процес на реформа на образованието.

-Оттука, треба да има поголемо вложување во професионалниот развој на наставниците во и вон училиштето, со цел наставниците да добијат пристап до можности за учење и можности да напредуваат во кариерата. Потоа, треба да се зголеми времето што учениците го поминуваат во основно училиште; да се обезбедат услови за целосно вклучување на учениците со попреченост во редовниот образовен систем во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, да се зајакнат критериумите за избор на кандидати за идни наставници на наставничките факултети, давајќи им предност на оние со добри познавања и вештини за квалитетна настава, и да се стави фокус врз ефективна и ефикасна распределба на средствата, обезбедувајќи праведно финансирање и повисоки финансиски средства за училиштата воопшто, препорача таа.

Сега, потенцира, е време да се зајакне соработката и националната солидарност, а образованието да биде фокус на обновување и трансформација во насока на поквалитетна настава и учење за сите деца и млади за време на пандемијата на КОВИД-19 и потоа, во фазите на закрепнување.

Back to top button
Close