Диаб побара помош по експлозијата во Бејрут

– Премиерот на Либан, Хасан Диаб во кратко телевизиско обраќање ги повика сите држави и пријатели на Либан да и помогнат на државата, по вчерашната експлозија во Бејрут, во која загинаа повеќе од сто лица и уништи цели населби во градот.

– Сведоци сме на вистинска катастрофа, изјави Диаб и повторно вети дека сторителите ќе сносат одговорност, но не ги коментираше причините за експлозијата.

Градоначалникот на Бејрут, Марван Абуд соопшти дека при гаснење на пожарот по експлозијата, исчезнаа најмалку десет пожарникари.

Според Абуд, пожарникарите заминале на пристаништето каде се случила експлозијата, со два автомобили, а биле придружени со три амбулантни возила.

Либанските сили за цивилна заштита продолжуваат да го гаснат пожарот.

Според локалните власти, експлозијата била предизвикана од детонирање на 2.700 тони амониум нитрат, одземен од царина во 2015 година и складиран во магацин.

Либанскиот претседател Мишел Аун истакна дека 2.700 тони амониум нитрат, што се користи во ѓубриво и бомби, шест години бил чуван на пристаништето без да бидат преземени мерки за безбедност, истакнувајќи дека тоа е „неприфатливо“.

Според последните информации, најмалку сто лица се загинати, а повредени се повеќе од 4.000 лица.

Во Либан прогласени се три дена жалост, главниот град Бејрут е прогласен за зона на катастрофи, а исто така е воведена и дводневна вонредна сосотојба во градот.

Голем број државио досега понудија медицинска и хуманитрарна помош за Либан.

Back to top button
Close