Дигитална деменција – Како премногу време пред екранот влијае врз умот

Прекумерната употреба на мобилни телефони и долго гледање во екрани може да доведе до зголемена појава на дигитална деменција, процес во кој се намалуваат когнитивните способности поради претераното потпирање на технологијата и неспособноста да се разликуваат реалниот и виртуелниот свет, предупредува доцент д-р Даниела Воитикив Самоиловска, декан на Факултетот за здравствени науки при УЈИЕ, во разговор за МИА.

Оваа појава, која е во фокусот на истражувањата во западноевропските земји, ги погодува особено возрасните лица кои премногу се потпираат на мобилните телефони. Според д-р Воитикив Самоиловска, овој процес може да доведе до деменција, состојба која се карактеризира со сериозни нарушувања во меморијата, размислувањето и извршувањето на секојдневни активности.

Во времето кога деменцијата е една од најчестите дијагнози во невролошките амбуланти, таа смета дека е важно да се предупреди јавноста за опасностите од долготрајното изложување на дигитални екрани.

„Дигиталната деменција, како концепт, беше првпат разгледана од Манфред Шпицер, психијатар со германско потекло, кој уште во 2012 година предупреди на опасноста од намалувањето на когнитивните способности поради преголемото потпирање на технологијата“, вели д-р Воитикив Самоиловска.

Експертите укажуваат дека прекумерното користење на мобилни телефони ја активира само левата хемисфера на мозокот, која е одговорна за логичкото размислување, пишување и анализа. Но, при брзо прелистување на интернет содржините, не се создава простор за длабоко размислување, туку мозокот само е изложен на голем број информации кои не успева да ги обработи.

 

Десната хемисфера, која се грижи за емоциите и креативноста, не се активира, што може да доведе до сериозни когнитивни проблеми. Кога ова трае со часови, како што е случај кога луѓето поминуваат два-три часа на социјалните мрежи, се случува блокирање на преносот на импулси помеѓу двете хемисфери, што доведува до намалена функција на мозочните центри и постепено изумирање на мозочните клетки.

За децата, овој процес може да има негативни ефекти на развојот на когнитивните функции, што доведува до тенок кортекс и сериозни проблеми во нивниот раст.

Студиите покажуваат дека просечното време на изложеност на екрани во возрасната популација е над три часа, а за постарите лица се препорачува максимално време пред екранот од два и пол часа дневно. Како што светската популација старее, на социјалните и здравствените системи им се поставуваат нови предизвици во превенцијата и лекувањето на деменцијата, кои не се само лекови, туку и промени во животниот стил.

Фото: Дарија Саникова, Пекселс

За успешно справување со деменцијата, д-р Воитикив Самоиловска истакнува дека потребен е мултидисциплинарен пристап во лекувањето, кој вклучува не само медикаменти, туку и социјална активност, хобија и когнитивен тренинг.

„Редовното решавање на крстозборки, читање книги, играње шах и други активности го активираат мозокот и помагаат во одржувањето на когнитивните функции, што има заштитен ефект“, додава таа.

За здравјето на мозокот, важен е и балансот во животниот стил: редовна физичка активност, минимизирање на алкохолот, регулирање на хипертензијата и дијабетот, како и обезбедување на добар сон. Ова се основни мерки кои можат да го забават напредувањето на деменцијата и да го одржат мозокот во форма.

Back to top button
Close