Дигиталното родово базирано насилство – Дефиниции и законска заштита  

Живеењето денес во светот на дигиталната технологија, а пред сè кое се должи на интернетот на сите нас ни донесе безброј придобивки, гледано од една страна. Од друга страна пак, донесе многу негативности, проблеми кои се родово базирани и посебно се однесуваат на женскиот род. Тука таргетот, односно целната група е женскиот род. Во оваа група спаѓаат: жените, девојките па дури и малолетните девојчиња. Кога предностите и негативностите ќе се стават на една иста вага се чини дека вагата натежнува повеќе кон негативностите кои се должат на самиот развој на дигиталната технологија, акцентот тука е посебно ставен на интернетот.

Така, со помош на дигиталната технологија се раѓа нов вид на насилство а тоа е токму дигиталното родово базирано насилство. Дигитално, затоа што е производ на дигиталната сфера, родово базирано затоа што е насочено кон одреден, стриктно дефиниран род, во случајов насилството е насочено кон женскиот род. И насилство како акт на агресија со кој се повредуваат лица. Денес, родовото базирано насилство е всушност проблем од поголеми размери, кој го обиколува целиот свет, бројни држави се соочуваат со овој нов вид на насилство, па така и нашата држава не е изоставена од овој проблем, од овој вид на насилство.

Надлежните институции се тие кои први по јавувањето, т.е по поднесувањето на пријавата за овој вид на насилство треба да постапат. Целта е јасна, да се најде сторителот или сторителите на насилството и соодветно да се казнат. Но, дали навистина ќе се најдат и притоа соодветно ќе се казнат тоа зависи од институциите, законите и истрајноста на жртвата низ целиот тој процес за да се избори и да дојде до правдата.Треба да се анализира секој поединечен случај поврзан со овој вид на насилство, да се анализираат досегашните мерки кои се имаат донесено во однос на ова насилство, исто треба да се погледнат и измените во Кривичниот законик кои се донесоа како резултат на овој нов вид на насилство.

Така, според статистиката за семејно насилство која се води и се објавува на веб страната на МВР за третиот квартал од 2023 година, т.е за месеците од јули до септември 2023 година на подрачјето на повеќе општини имало вкупно 1.552 сторители на насилство од кои 1.247 од сторителите на насилството биле мажи, а 305 од сторителите биле жени. Во однос на жртвите на насилство 1.014 биле жени жртви, а 544 жртви биле мажи. Во однос на својството каде жртвата е сопруга на сторителот бројката изнесува 424, а каде жртвата е сопруг на сторителот – 73. Ете ја таа доминантна разлика во бројките каде лицата од машки род доминираат во насилството за разлика од женскиот род. Од видовите на малтретирања од статистиката имало: физичко, психичко и економско малтретирање. Во однос на состојбите во кои се наоѓале сторителите биле најразлични, почнувајќи од состојбата каде сторителот бил под дејство на алкохол, дрога па се до состојба на растројство.

Насилството по дефиниција подразбира употреба на сила како еден вид акт на агресија со кој се повредуваат лица, или уништува сопственост. Тука, ќе се задржам на оној вид акт на агресија со кој се повредуваат лица.

Со развојот во дигиталната сфера, со брзина на светлината во однос на формите на насилство се донесе и дигиталното родово базирано насилство. Акцентот е ставен на женскиот род од многу причини. Имено, треба да се запрашаме, на што се должи овој вид на насилство? Дали е само резултат на развојот на дигиталната сфера? Дали се должи на нееднаквоста помеѓу мажите и жените? Дали се должи на непочитувањето на жената од страна на мажите во овој свет? Дали се уште постои предодреденост на жените од мажите? Зошто додаваме уште еден вид на насилство и ги зголемуваме насилствата? Прашања кои не мачат сите, а посебно жените. Бидејќи тие се таргет, целна група пак на овој вид насилство. До кога жените ќе бидат предмет на насилство во понов облик од страна на мажите? Нели досега беа доволни семејните насилства каде во голем број на случаите како извршител на делата беше мажот?

Насилството е насочено против жената затоа што е жена и несразмерно ја погодува. Родово базираното насилство врз жените ги опфаќа причините и резултатот од нееднаквиот однос на моќта помеѓу жените и мажите како резултат на општествен, а не индивидуален проблем. Како форми на родово базирано насилство се сметаат и семејното насилство и насилството врз жена и девојчиња. Истиот тој женски род се омаловажува, е исмејуван и на разни начини злоупотребуван на интернет просторот од страна на сторителите на овој вид на насилство, а тоа е машкиот род. Па сега насилствата се префрлени онлајн, таму се омаловажува женскиот род.

Имено, последиците од дигиталното родово базирано насилство навидум се чини дека се помали, понеболни од последиците кои произлегуваат од насилството кое се врши со физички контакт, употребувајќи притоа физичка сила. Многу често ова насилство од страна на сторителите се „оправдува“ дека не било насилство во вистинска смисла на зборот и дека не чувствуваат дека извршиле насилство само заради тоа што не ја повредиле физички личноста, не употребиле никаква физичка сила во живо. – е ставот за оправдувањето на многумина од сторителите кои извршиле ваков вид на насилство.

Да, насилството тука in concreto не се случува во живо, немаме употреба на физичка сила. Но тоа не значи и дека не може се квалификува како насилство. Треба да се прашаме меѓусебно, што е со последиците од ова насилство? Какви последици произлегуваат од ова насилство? Последиците се различни, ако не се извршени со физичка сила во живо. Дигиталното родово базирано насилство вкоренува длабоки психички, емоционални и социјални последици по личноста на жртвата. Да, местото на случување на ова насилство е онлајн, во дигиталната сфера. Како резултат на интернетот информациите се шират многу брзо, додека трепнеме. Но, последиците се тие кои се случуваат во офлајн сферата и притоа директно ја погодуваат личноста на жртвата.

Како бомба одеднаш по медиумите одекна случајот со „Јавна соба“. Чист пример за дигитално родово базирано насилство врз жените. Кое само по себе потоа иницираше и измени во Кривичниот законик и како последица на случајов се донесе и ново кривично дело „Демнење“ чл.144-а од КЗ. Жртвите во конкретниот погоре споменат случај се малтретирани виртуелно, па потоа контактирани со непристојни понуди, коментари, омаловажувани, материјалот составен од слики на жртвите е споделуван без нивно знаење, согласност од страна на жртвите и уште полошо за на крај да биде обликуван и дистрибуиран во вид на порнографска содржина за да кружи помеѓу сторителите.

Република Северна Македонија ја има потпишано Истанбулската конвенција на 8 јули 2011 година, а во декември 2017 година Собранието го усвои Законот за ратификација на Конвенцијата на СоЕ за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство. Конвенцијата е ратификувана со депонирање на инструментот за ратификација, кој бил предаден на 23 март 2018 година, а почнал да се применува од 1 јули 2018 година.

Истанбулската конвенција е базирана на четири клучни принципи: 1) превенција, 2) заштита и поддршка, 3) прогон и 4) интегрирани политики.

Во однос на превенцијата – ИК бара државите да се фокусираат на промена на културата и традициите каде што актите на насилство врз жени и девојки се оправдуваат и легитимираат.

Заштита – Државите се обврзани да ги преземаат неопходните и потребните законодавни или други мерки за заштита на сите жртви од какви било понамошни акти на насилство и негово повторување. Со цел да се постигне итна, сеопфатна и квалитетна заштита на жртвите, државите мораат: да одговорат навремено и да обезбедат итна и соодветна заштита, да воспостават засолништа за жртвите во соодветен број кои ќе покриваат повеќе региони, да обезбедат општи сервиси кои ќе понудат соодветна заштита на сите жртви на РБН, да обезбедат 24/7 достапни СОС телефонски линии, да воспоставуваат кризни центри за жртви на сексуално насилство, центри за упатување на жртви на сексуално насилство, да им обезбедат на жртвите соодветни и навремени информации за расположливите услуги на поддршка и правни мерки на јазик што го разбираат.

Прогон – ИК ги предвидува следните форми на насилство врз жените и родово базираното насилство *семејно насилство, *физичко насилство, *психичко насилство, *демнење, *сексуално насилство вклучувајќи и силување, *присилен брак, *женско генитално осакатување, *присилен абортус и присилна стерилизација. Кривичните дела кои ги утврдува ИК важат без оглед на природата на односот помеѓу жртвата и сторителот.

Интегрирани политики – Државите се обврзани да воспостават едно или повеќе официјални тела кои ќе бидат одговорни за координација, имплементација, следење и процена на политиките и мерките за спречување и борба против насилството врз жените.

Понатаму, во однос на правната рамка во нашата држава, законодавецот препознал потреба и од донесување на соодветен закон и за таа цел го има донесено Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Што е од особено значење за сите нас во оваа држава, а најмногу – есенцијално значење од овој закон имаат- жртвите од насилството. Државните органи согласно Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство имаат обврска (due diligence) да го спречат насилството врз жените и семејното насилство – во спротивно истите сносат одговорност.

Што е предмет на овој закон?

Член 1

„Со овој закон се уредува постапувањето на институциите со должно внимание при преземањето на мерки за превенција од родово-базирано насилство врз жените и семејно насилство, постапувањето на институциите за заштита на жените од родово-базирано насилство и семејното насилство, меѓусебната координација на институциите и организациите, услугите за заштита на жртвите и собирањето на податоци за родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство“.

Сметам дека овој член е последица на тоа дека обвинувањето на жртвите и дискриминаторско постапување кон нив од страна на институциите, најчесто ги одвраќаат жртвите од пријавување насилство и барање помош. Со тоа што институциите со донесувањето на овој закон, неговото стапување во сила и неговата примена се должни да постапуваат со поголемо внимание кон жртвите на родово базирано насилство, тоа ги зајакнува и ќе ја зголеми нивната доверба во системот на нивна заштита.

 

Член 2

„Целта на законот е превенција и спречување на родово-базираното насилство врз жените и семејното насилство, ефективна заштита на жртвите од каков било облик на родово-базирано насилство врз жени како и на жртвите на семејно насилство со почитување на основните човекови слободи и права загарантирани со Уставот на РСМ и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на РСМ. Целта на овој закон се заснова на принципот на еднаквост и елиминирање на стереотипите за родовите улоги“.

Сторителите на овој вид на насилство не бираат старосна група на жртвите. Целта е јасна да се омаловажи женскиот род. Во еден од случаите жртвата кога дознала дека е таа предмет на ова насилство, не можејќи да опстои во виртуелниот свет, си го затворила профилот на социјалните мрежи. Но, други жртви може да имаат и различни психички проблеми и последици, други пак може и да посегнат и по својот живот и да извршат самоубиство. Бидејќи секое едно насилство остава последици само по себе врз жртвата, НО дигиталното родово базирано насилство остава уште подлабоки и потешки последици.

Постапката за заштита на жените жртви на родово базирано насилство и жртвите на семејното насилство започнува на начин што било кое физичко лице кои има сознание за постоење на родово – базирано насилство врз жени и семејно насилство е должен да пријави до: полициска станица, центар за социјална работа, јавно обвинителство, здружение или СОС линија. Надлежните институции имаат обврска да постапат и по анонимна пријава. Жртвата има право да избере лице кое ќе ја придружува во текот на целата постапка пред надлежен орган. Во улога на придружник на жртвата може да се јави било кое возрасно лице освен лицето кое е сторител на родово-базираното насилство во постапката. Придружникот и помага на жртвата во заштитата на нејзиниот интерес и и дава поддршка во постапките пред службените лица и институциите.

Надлежните институции постапуваат со жртвите на начин на кој ќе ги заштитат со заштита на идентитетот и личните податоци на жртвата, земаат исказ на местото на пријавување, разговараат во посебни простории прилагодени за разговор со жртви. Центарот за социјални работи е должен да започне постапка веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од добиеното сознание дека е сторено родово базирано насилство врз жена и семејно насилство. Постапката ја започнува по добиено сознание дека е сторено таков вид на насилство по службена должност, по барање на жртвата, по пријава од граѓанин, службено лице, институција и здружение.

ЦСР е тој кој се грижи и обезбедува привремено згрижување, обезбедува жртвата да добие потребна медицинска помош, дава соодветна психо-социјална интервенција и третман, дава правна помош и застапување, ја упатува жртвата до соодветните државни и други органи надлежни за економско јакнење на жртвата и нејзино вклучување на пазарот на труд.

Полицискиот службеник како претставник од МВР – секогаш кога има пријава за родово базирано насилство врз жени е должен да излезе на местото на настанот и да изготви полициски извештај веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата на настанот. Тој обезбедува жртвата веднаш да добие соодветна здравствена заштита, должен е веднаш да го извести надлежниот јавен обвинител. Доколку процени дека на самото место постои висок ризик од непосредна и сериозна опасност по животот, физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата ќе го лиши од слобода сторителот согласно со закон.

Здравствената установа е должна да презема мерки за заштита на жртвата. Така, во нејзина надлежност е вршењето на преглед на повредите и обезбедувањето соодветен медицински третман. Од посебно значење е тоа што за прегледот на повредите и медицинскиот третман жртвите се ослободени од плаќање на трошоци.

Понатаму, жртвите имаат право на судска заштита, во граѓанска и кривична постапка според месно и стварно надлежни судови. Жртвите имаат право на надоместок на материјална и нематеријална штета согласно со закон. Од посебно значење е тоа што жртвите се ослободени од плаќање на сите трошоци на постапките за надоместок на штета се до конечна наплата на имотно-правното побарување. Ова и de facto е многу важно затоа што многу жени би се откажале од поведување на постапки бидејќи немаат доволно финансиски средства, а со ослободувањето од плаќањето на сите трошоци во постапките за надоместокот на штета всушност жените и би се охрабриле за истите да ги поведат пред надлежниот суд.

Од вака поставениот закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство ние како држава и обезбедуваме на жртвата висок степен на помагање, сослушување и што е особено важно сите субјекти низ целиот процес се должни да постапуваат со особено внимание насочено кон жртвата.

За разлика од пред донесувањето на овој закон, сметам дека сега жртвата е во многу поповолна положба и со овој закон многу полесно може да го започне целиот процес почнувајќи од поднесување на пријавата се до поведување на судска постапка за да дојде до остварување на правдата.

Останува во иднина институциите доследно да го применуваат Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, бидејќи само така и на тој начин ќе имаме позитивна практика во однос на применувањето на овој закон, жртвата ќе има поддршка и помош и најважно од се е тоа што, ќе знае дека нема да биде САМА.

Но, тука не е доволно потпишувањето на Истанбулската конвенција од страна на РСМ, донесувањето на погоре споменатиот закон и неговото позитивно применување од страна на институциите. Тука сме потребни сите НИЕ, гласно и јасно да се спротивставиме на секаков вид на родово базирано насилство насочено кон жени, вклучувајќи го посебно и новото дигитално родово базирано насилство.

Тања Стојчева

* Овој есеј/напис е дел од публикацијата: „Надвор од екранот: Разоткривање на дигиталното родово насилство низ критички осврт“ објавена од Мрежа Стела во рамки на проектот „Кога дигиталното родово-базирано насилство излегува надвор од екранот” поддржан од Швајцарската Влада во Република Северна Македонија.

Тања Стојчева е дипломирана правничка, студентка на мастер студии при Универзитетот “Св Кирил и Методиј” – Скопје, Правен факултет “Јустинијан Први”. Учесничка на бројни конференции, семинари и разни работилници од областа на правото, психологијата и економијата. Како студентка се зачленува во ЕЛСА – Северна Македонија – европско здружение на студенти по право каде и ден денес е активен член.

 

Back to top button
Close