ДИК прифати уште три приговори за резултатите од парламентарните избори, два се од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за исто избирачко место

Државната изборна комисија (ДИК) прифати уште три приговори поднесени во врска со резултатите од парламентарните избори откако претходно беа прифатени четири други од поднесени вкупно 27 приговора.

Два од усвоените приговори, за избирачкото место 1844 во Струга, во рамки на петтата изборна единица, се поднесени од „Коалицијата за европска иднина“ на СДСМ и од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Останатите два приговора прифатени од ДИК се, исто така, поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и се однесуваат на две избирачки места во Долнени – 1470 и 1470/1 – во истата изборна единица.

ДИК претходно прифати три приговори од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и еден од коалицијата „Вреди“ – два од нив во петтата и еден во шестата изборна единица. Прифатени се приговори за избирачки места во Охрид, Крушево и Желино.

Според вкупно седумте прифатени приговори на ДИК за гласањето од парламентарните избори, прегласување ќе има на избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени во рамки на петтата изборна единица и на избирачкото место 2102 во Желино во изборната единица 6.

„Останатите приговори за избирачки места во Битола, Ресен, Гостивар, Долнени, Струга, Кичево, Демир Хисар, Чаир, Гази Баба, се одбиени или повлечени. Секоја заинтересирана страна има право на тужба до Управен суд во рок од 24 часа по одлуката на ДИК, а Управниот суд одлучува во рок од 48 часа по поднесена тужба. По одлуката на Судот, ДИК ќе излезе со конечен извештај за резултатите, односно доколку има избирачки места каде што ќе се поништи гласањето, дополнително ќе се направи симулација дали бројот на запишани гласачи во избирачките места каде што би се поништило гласањето, влијае на резултатот во распределба на мандатите“информираат од Државната изборна комисија.

За изборните резултати од парламентарните избори беа поднесени вкупно 27 поднесени приговори – девет од коалицијата „Вреди“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица.

Back to top button
Close