Димевски го возвраќа ударот со кривична за Раичевиќ, која го обвини за злоупотреби со спортските ваучери!

Актуелниот претседател на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски, кој е еден од обвинетите за злоупотреби при доделувањето на спортски ваучери тешки 5 милиони евра, поднел кривична пријава против обвинителката во овој случај  – Лидија Раичевиќ.

\За ова Димевски информираше денеска пред Кривичниот суд, откако закажаното рочиште се одложи поради отсуство на првообвинетиот Дарко Каевски, поранешен директор на Агенцијата на млади и спорт, кој, како што истакна неговиот адвокат, е на домашно лекување по хируршки зафат на тетива.

Тој посочи дека ја поднел кривичната пријава, поради, како што кажа, спинување на целиот овој процес, во кој, според него, наместо да се гони вистинскиот криминал, се зборува за несовесно постапување на членови на комисија коишто наводно не направиле надзор.

Значи, Централната комисија, на која јас бев нејзиниот прв претседател, ниту е надзорен орган, ниту смее да биде, ниту има овластувања. Меѓутоа, обвинителката свесно, во друштво на овие тројца други направи параван, магла, да наместо се гони тоа што треба да се гони, се гони нешто сосема друго, со единствена цел да се сокрие вистинскиот криминал…

Сметам дека заврши времето на недопирливи во оваа држава, вклучително и обвинителите. Имаме еден јавен обвинител којшто служи затворска казна. Мислам дека е време системот сериозно да се позанимава и во своите редови да не дозволи вакви несериозни обвинители, авантуристички и водени од ниски лични побуди да прават штета во сите сегменти на општеството, вклучително и во спортот.

Затоа сум јас тука, не зборувам само во мое лично име, зборувам во име на многу спортисти и многу субјекти коишто се засегнати и ќе инсистирам до крај да се истера оваа работа на чистина. Со големо задоволство учествувам во овој процес – изјави Димевски.

Обвинителката Раичевиќ, пак, рече дека не знае за кривична пријава што тврди дека ја поднел Димевски, меѓутоа таа истакна дека со дигнитет го отфрла таквиот напад од страна на обвинетиот и праша што би се случувало доколку секој обвинет се брани со кривични кон обвинителот?

Јас сум обвинител во име на државата, јас сум обвинител во име на институцијата, замислете што ќе се случи ако сите обвинети ги обвинуваат, им поднесуваат кривични пријави на обвинителите. Секој којшто е чесен, којшто е доблесен, којшто има одговорност, интелектуален капацитет, треба да сочека дека доколку има докази дека е сторено кривично дело судот тоа ќе го каже.

А, мојот начин на работење и мојата исправност дали е по закон, ја следи и јавноста, институцијата, јас не обвинувам сама, зад мене стои институцијата Јавно обвинителство. Така што, таков фронтален напад од страна на обвинети јас со дигнитет го отфрлам и сметам дека треба да се преземат мерки вакви настапи да нема во иднина затоа што ќе дојдете во ситуација да нема обвинители коишто ќе поднесуваат смели и храбри обвиненија затоа што некој го прекршил законот…

Над 5 милиони евра е штетата што е во обвинението. Се разбира, тој износ вештото лице што ќе биде сослушано ќе го потврди во своето искажување, можеби ќе го коригира, ако за тоа навистина има други докази, но моменталната состојба до степен на тврдење за стореното кривично дело е над 5 милиони евра – изјави Раичевиќ.

Покрај Димевски и Каевски, обвинети се уште 10 лица за злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење, меѓу кои довчерашниот директор на АМС Наумче Мојсовски, како и повеќе членови на комисиите за доделување на спортски ваучери – Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров и Сашо Поповски.

Инаку, обвинителниот предлог беше поднесен по иницијатива на Антикорупциската комисија, која следуваше откако и Државниот завод за ревизија констатираше низа пропусти и неправилности при доделувањето на т.н. спортски ваучери, според моделот за даночни олеснувања кон компании-донатори на спортски федерации и клубови.

Всушност, се работеше за основани сомненија кои подоцна резултираа и со обвинение дека директорот на Агенцијата и членовите на Комисијата во 2020, 2021 и 2022 година, со искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.

Во меѓувреме, обвинетите ги отфрлија наводите во обвинението, оценувајќи ги како тенденциозни и најавија дека во транспарентна и фер судска постапка ќе ги докажат своите тврдења и невиност. Следното рочиште во рамки на судскиот процес што го води судијката Џенета Бегтовиќ, чија прва главна расправа требаше да се одржи денеска, е одложен за 9-ти јули.

Расправата ќе продолжи на 09.07.2024 година во 10:00 часот за што странките во постапката се веќе известени“, се наведува во соопштението од Кривичниот суд, откако денешната прва главна расправа за предметот со К. бр. 884/24 поврзана со АМС и МОК беше одложена заради отсуство на првообвинетиот поради здравствени причини.

Уште додека обвинителството водеше истрага, „Фокус“ пишуваше за спорното финансирање во спортот преку ваучерски систем, но и за закупот на фирми поврзани со Димевски на дел од СРЦ „Кале“, како и за закупот на МОК на салата „Јане Сандански“, чие стопанисување носи милионски приходи.

Back to top button
Close