Димевски најави големи инвестиции во спортската инфраструктура и стимулации за најдобрите спортисти доколку добие втор мандат на чело на МОК

Претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, ја презентираше својата програма за работа за периодот од 2024 до 2028 година, како кандидат за претседател на комитет во следниот мандат.

Програмата за работа на актуелниот претседател Димевски е насловена според олимпиското мото „Побрзо, повисоко, посилно, заедно” и е најобемната и најдеталната програма за работа што досега ја имал МОК. Оваа програма се темели на 12 столбови кои, меѓу другото, предвидуваат големи инвестиции во нова спортска инфраструктура, бројни бенефиции за спортистите и националните спортски федерации, стимулации за најдобрите спортисти и остварени спортски постигнувања, помош и поддршка на најранливите категории спортисти, реализација на голем број општествено-одговорни спортски проекти и др. За реализација на најголемиот дел од наведените проекти во програмата веќе е обезбедена финансиска конструкција и локации.

Според програмата за работа на Димевски, во следните четири години предвидена е изградба на нова спортска инфраструктура која ќе биде лоцирана во олимпискиот спортски центар „Јане Сандански“ во Скопје, во вкупна вредност од 340.000 долари. Во наведениот период од 2024 до 2028 година ќе се изградат тренинг центар за боречки спортови, вештачка карпа за качување (болдер карпа), голф симулатор, тренинг центар за стреличарство, покриен скијачки тренинг-центар со симулатори за скијање и мини лизгалиште, а предвидено е и доопремување на ТВ студиото на МОК со нови технологии со цел да се обезбедат уште поквалитетни преноси на спортските настани. Финансиските средства за реализација на сите овие проекти веќе се обезбедени.

Претседателот Димевски за следниот мандат најавува уште поголема независност, автономија и независен модел на финансирање на спортските организации и националните спортски федерации, според одредбите на Олимписката повелба.

Покрај програмата за работа 2024-2028, Димевски го презентираше и отчетот за сработеното во досегашниот мандат.

Редовното изборно собрание на МОК е закажано за 8 февруари, кога членовите на Собранието на оваа организација ќе избираат претседател за следните четири години.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close