Димитар Богески, нов директор на Државниот архив на Македонија по телефонското разрешување на Котлар

Новиот директор на Државниот архив на Македонија, м-р Димитар Богески денеска официјално ја презел функцијата од неговата претходничка Наташа Котлар-Трајкова.
Од Државниот архив информираат дека за директорот Богески, оваа функција не претставува привилегија, туку обврска – со јасна цел работата на Архивот да биде транспарентна, отворена, отчетна и достапна за сите граѓани. Тој упатил благодарност до досегашната директорка, за нејзиниот ангажман и придонес во изминатиот период.
-Архивот како институција зазема значајно место во нашата држава. Тој е чувар на историјата и идентитетот на Република Македонија, обезбедувајќи континуитет меѓу минатото, сегашноста и иднината. Ова е првпат по долги години на чело на една ваква престижна позиција да дојде човек кој е од редовите на вработените – со 19 години работен стаж, кој ги поминал сите скалила во институцијата. Тоа искуство е од непроценливо значење и ќе помогне во надминувањето на сите предизвици со кои се соочуваат вработените и корисниците на услугите на Архивот, се посочува во објавата на Фејсбук на Државниот архив на Македонија.
Целта на новиот директор, како што посочуваат, е Архивот да биде отворен кон сите, да се слушнат различни идеи и решенија со цел подобра и поефикасна работа.
-Пред сè, тој е тука за вработените, кои се столбот на институцијата и чија посветеност е клучна за нејзиниот развој. Директорот Богески верува во заедничка и посветена работа, чија цел е Архивот да се издигне на повисоко ниво – како современа институција која ќе обезбеди дигитализација, поголема достапност на документите, зајакнување на научната и образовната улога, како и промоција на културното наследство пред домашната и меѓународната јавност. Државниот архив останува институција која ја гарантира меморијата на државата и ја гради довербата на граѓаните. Со нова енергија и визија, тој ќе продолжи да биде темел на знаењето и мост кон иднината, соопштуваат од Државниот архив на Македонија.
Претходната директорка на Државниот архив на Македонија, Наташа Котлар-Трајкова на 14 ноември беше разрешена од функцијата која ја извршуваше една година и четири месеци. Таа во изјава за медиуми нагласи дека поводот поради кој е разрешена е едно нејзино интервју во месец август со кое изнесува критички став за македонските иселеници во Австралија.
Разрешената Котлар се пожали на медиумите дека одлуката за разрешување по телефон и ја соопштила секретарка од кабинетот на премиерот. Од владата потврдија дека директорката е разрешена на седница на владата а причината како што соопштија била „кадровско освеѓување“. Котлар обвини дека од денот кога ја назначиле пред 1 година и 4 месеци од владеачката ВМРО ДПМНЕ веднаш поставиле и нејзин заменик чисто партиско решение и дека тој командувал а таа само ставала потписи и трпела психичка тортура од вмровскиот заменик директор.
Инаку и Наташа Котлар е блиска до ВМРО ДПМНЕ таа на локалните во 2021 година беше кандидат на партијата за градоначалник на општина Центар. Во меѓувреме работите се смениле и таа сега се жали дека како директор на архивот трпела психичка тортура од заменикот директор кадар на партијата на Мицковски.






