Димитријевиќ од СДСМ: Коалиција како со ДУИ во претходната влада нема да се повтори
Колку е искрено дистанцирањето од ДУИ, е прашање на кое одговара генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
„СДСМ научи од своите грешки, тоа треба да го покажуваме на дело. Да не биде само празна флоскула. Дистанцирањето од ДУИ се однесува на повеќе аспекти, а тоа е дека имавме во минатото една непринципиелна коалиција, а секој однос на коалицирање треба да има двостран однос. Така што, дефинитивно, сите изјави коишто можете да ги видете и сите постапки коишто ги прави СДСМ и гласот на членството од нас тоа го бара“,
изјави Димитирјевиќ.
Во однос на тоа дали се работи за форсиран или искрен процес затоа што до неодамна СДСМ и ДУИ беа заедно во Владата, генералниот секретар повтори дека грешките се научени.
„Ги научивме грешките од минатото и односот со ДУИ воопшто, односот на такво коалицирање нема да се повторува во иднина“,
одговори тој.
Во услови кога ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ најавуваат меѓусебна поддршка на следните локални избори, а претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека нема да соработуваат со ДУИ, Димитријевиќ го прашавме дали тоа не ја слабее дополнително позицијата на неговата партија. Тој одговори дека СДСМ ќе даде комплетна понуда на изборите и во таа понуда граѓаните ќе видат решенија независно од коалициите.