Димитријевиќ: ⁠СДСМ повторно ќе биде победничка партија

Оптимизмот од ден на ден се враќа меѓу членовите и симпатизерите на СДСМ, општинските штабови повторно се полнат со членови, од оваа точка, СДСМ може да оди само нагоре и дека во наредниот период тоа ќе биде видливо. СДСМ ќе се врати и повторно ќе биде победничка партија, вели во интервју за порталот „24инфо.мк“ генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.

На новинарско прашање за неговата досегашна работа како генерален секретар Димитријевиќ вели дека подразбира  многу теренски активности, средби и разговори со членовите.

-Како човек кој од млади години е дел од СДСМ и кој се градел низ сите партиски структури, чувствував голема чест кога бев назначен за нов генерален секретар на партијата. Но покрај честа, тука е одговорноста да се биде дел од раководството на партијата. За оценката, за овој краток период, би оставил да зборуваат моите партиски другари и другарки, но она што јас можам да го кажам е дека изминатиов месец сум максимално посветен на процесите за консолидирање на партијата. Тоа подразбира многу теренски активности, средби, разговори со членови, симпатизери но и пријатели на партијата во процесот на подготовка на активностите кои следуваат и кои СДСМ треба да ја вратат на победничките патеки, вели Димитријевиќ.

Она што на почетокот беше сериозен предизвик е разочараноста, резигнираноста на одреден дел на членови од последните изборни резултати, додава тој.

-Сепак, мило ми е што можам да кажам дека оптимизмот од ден на ден се враќа меѓу членовите и симпатизерите, што општинските штабови повторно се полнат со членови но и со луѓе кои во мај поради некои причини не гласале за СДСМ. Убеден сум дека од оваа точка, СДСМ може да оди само нагоре и дека во наредниот период тоа ќе биде видливо. СДСМ ќе се врати и повторно ќе биде победничка партија, вели генералниот секретар на СДСМ.

Според него власта потфрла на најважната тема – економијата и животниот стандард на граѓаните.

-Во овие шест месеци просечната плата стагнира, не расте како што растеше претходно. Минималната плата не се зголеми и прашање е дали воопшто ќе се зголеми. На вработените во образованието, во здравството платите им се зголемија само половично од она што беше договорено. Цените растат иако нема криза а инфлацијата повторно е во нагорна линија. Наводните мерки и таканаречените кошнички не само што не дадоа ефект, туку дополнително го отежнаа животот на обичниот граѓанин. Власта потфрла на најважната тема – економијата и животниот стандард на граѓаните, вели Димитријевиќ.

Наместо економија и мерки, смета дека на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ поважно им е да ги партизираат институциите.

-Гледаме масовна партизација на безбедносните структури, гледаме како без срам и перде се брани незаконското поставување на Бојан Христовски за шеф на АНБ. Понатаму, сведоци сме на најавено бескрупулозно мешање во судството преку расрешување членови на Судски совет, гледаме како Артан Груби иако на потерница, без проблем минува државни граници. Сето ова не се паушални критики на СДСМ или мои лични, тоа за жал е грдата реалност во која денес живее Македонија. По само шест месеци, станува сосем јасно дека Мицкоски сака повторно да воспостави режим во Македонија, државата да ја оддалечи од ЕУ и таа повторно да биде заробена како што беше во периодот до 2016 година, потенцира генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ во интервју за 24 инфо.мк.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

Back to top button
Close