Димитриеска-Кочоска го повика економскиот тим на СДСМ на соочување во Финансии за да ги разјаснат економските состојби со реални бројки

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, упати јавен повик до економскиот тим на опозициската СДСМ на заедничка средба во Министерството, со цел, како што вели, да се разјаснат економските состојби со реални бројки, наспроти „хистеричните прес-конференции полни со невистини“.

Според министерката, опозицијата изнесува погрешни толкувања и паника во јавноста, иако официјалните економски показатели покажуваат стабилност и раст.

Димитриеска-Кочоска во објава на нејзиниот официјален профил на Фејсбук, прави паралела помеѓу состојбата во јавните финансии за време на претходната власт додавајќи оти во јуни 2024 година државната каса била оставена во исклучително тешка состојба.

Таа вели дека просечниот раст од 2017 до 2024 година изнесувал околу 1,8 отсто, додека во изминатите шест квартали економијата расте со околу три проценти, во услови кога растот во ЕУ е околу еден процент. Во 2025 година министерката вели дека македонската економија бележи раст од 3,5 отсто.

Според неа, од 4,78 милијарди евра во 2017 година, јавниот долг речиси се удвоил до вториот квартал од 2024 година, достигнувајќи близу девет милијарди евра.

„Во моментов платите растат со динамика близу 10 отсто, бројот на нововработени лица расте. Капиталните инвестиции се реализираат на историски високо ниво. Ова не се бројки од партиски штаб. Ова се реални економски показатели“, пишува Димитриеска-Кочоска.

Извор: 360stepeni.mk 

Back to top button
Close