Димитриеска Кочоска: Имаме проблем само со една компанија која директно зависи од извозот во САД и сега тој проблем го решаваме

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски е во постојана комуникација со САД за проблемот со царините и очекуваме во најскоро време да има разрешница иако директните ефекти од воведувањето на американските царини не се големи кога станува збор и за извозот и за увозот, порача денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

– Подготвуваме измени во Законот за царинските стапки со кои можеме да одиме на нивно намалување дури и до нула зашто ефектот нема воопшто да биде голем, бидејќи целиот извоз лани бил нешто над 100 милиони евра што е многу малку во споредба со размената со останатиот дел од светот. Било каква промена на царинските стапки нема да има никакво влијание на Буџетот,… Тоа во вој момент може да им го понудиме на САД. Станува збор за грешка бидејќи и по поединечни тарифи кога ќе се погледнат во Република Македонија не постои царинска тарифа од 65 проценти, рече Димитриеска Кочоска во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

 

Нагласи дека отежнувачка околност е што немаме договор за слободна трговија со САД и додаде дека се работи на тоа да се издејствува потпишување на таков договор.

 

– Верувам дека на крајот Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе успее да потпише таков договор со чие потпишување ќе имаме промени и на царинските тарифи. Доколку не успееме да потпишеме таков договор, ќе видиме што ќе правиме понатаму. Од наша страна првично ќе понудиме намалување на царинските тарифи, прецизира Димитриеска Кочоска.

Посочи дека во пресметката на САД за висината на нашите царини од 65 отсто има и одредени додатоци и додаде дека тоа е нормално будејќи секоја држава настојува да си го заштити домашното производство.

– Има во некој дел каде што се сака да се заштити домашното производство. Тоа е пред се во делот на земјоделските производи, а во делот на другите царински стапки немаме толку високи тарифи, рече Димитриеска Кочоска.

 

Посочи дека со САД имаме трговска размена под еден процент од вкупната размена што ја имаме со светот и во делот на увоз и во делот на извоз.

 

– Затоа нема да има директни ефекти. Невозможно е во толку краток да имаме директни негативни ефекти од воведувањето на американските царини. Иако ги зголемија царините и за европските држави не постои супститут во САД кој преку ноќ ќе го зголеми производството за да може да кажат ќе купуваме од домашните производители. Да оставиме времето да покаже какво ќе биде однесувањето, но да не заборавиме дека приватниот сектор во Европа, а и европските држави ќе имаат билатерални разговори со САД. Во делот, пак, на преселба на капиталот многу тешко се преместуваат машини од едно место на друго и да се отворат капацитети. Ќе треба време за да видиме што ќе се случи, но негативни ефекти преку ноќ нема да се случат, потенцира Димитриеска Кочоска.

Побара да не се крева паника пред време и додаде дека не значи дека доколку некој има проблем во Европа дека веднаш ќе ги отпушти вработените во земјава кои работат во компаниите од странските инвеститори.

– Тоа нема да го направат зашто префрлањето на капиталот е многу тешка задача и одлука и треба време за тоа. Речиси е невозможно на краток рок . Затоа да не креваме паники дека ќе имаме отпуштање од работа. Тоа нема да се случи. Во меѓувреме очекувам дека европските држави ќе се договорат со САД, а и на кус рок да има помало производство и помал извоз од тие земји секако ќе има одреден ефект, но нема да значи дека ќе има отпуштање од работа. Во државава имаме проблем само во една ситуација со една компанија која директно зависи од извозот во САД и сега тој проблем го решаваме, рече Димитриеска Кочоска, додавајќи дека дури ни тие нема да ги отпуштат работниците преку ноќ.

Оцени дека како земја која има недостиг на работна сила во овој момент не постои поголем ризик дека ќе има отпуштање на работници и дека тие нема да најдат работа на друго место, иако, потенцира, сметам дека нема да се случи отпуштање од работа.

Back to top button
Close