Димитриеска-Кочоска: „Весела математика“ се обвинувањата за задолжување од 1,3 милијарди евра
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска ги нарече „весела математика“ обвинувањата на опозицијата за ново задолжување од 1,3 милијарди евра и за вкупниот долг кој според истите тврења ќе се зголеми за над 4 милијарди евра, како и дека јавниот долг поради тоа ќе достигне 65 отсто од БДП. Таа на прес-конференција во Владата, сепак, потврди дека наредната година државата ќе треба да се задолжи за голем износ на средства, како и дека веќе се разгледува издавање нова еврообврзница од околу 1,3 милијарди евра, заради враќање на стари долгови.

Исто така, како што посочи, покрај овие обврски идната година стасуваат и други обврски што произлегуваат од издадени хартии од вредност, но и од краткорочни државни записи, како и дека ќе треба да се обезбедат средства за финансирање на буџетскиот дефицит од 3,5 проценти.
„Како се пресметани математиките за да се стигне до 65 проценти јавен долг во однос на БДП, ве цитирам вас, бидејќи вие спомнавте, јас не сум видела што кажуваат колку ќе биде јавниот долг, мене не ми е јасно. Но, она што можам да го кажам за изминатите две години е дека Министерството за финансии е транспарентно во објавување на податоците и нема што да скрие“, изјавио Димитриеска-Кочоска во одговор на новинарско прашање како ги коментира обвинувањата на опозицијата за задолжувањето од 1,3 милијарди евра, од каде ќе се најдат парите и зошто во ребалансот на Буџетот ги нема 350 милиони евра кои ги должи ЈПДП, како и дека јавниот долг би достигнал 65 проценти од БДП.
Димитриеска-Кочоска рече дека опозицијата „изгледа ги измешала работите“, бидејќи долгот на Јавното претпријатие за државни патишта влегува во стратегијата за управување со јавен долг и во фискалната стратегија, но тоа не е дел од долгот на централната влада и поради тоа не може да влезе во Буџетот.
„Во Буџетот, долг на јавно претпријатие не влегува. Влегуваат долговите на сите оние институции кои што се дел од централната влада“, рече Димитриеска-Кочоска на прес конференцијата на која ги образложи податоците за растот на БДП во вториот квартал годинава.
Во однос на износите за нови задолжуавња, кои што изминатите денови се во фокусот на обвинувањата од страна на опозицијата, таа посочи дека такво нешто сѐ уште не било разгледувано на седница на Влада.
„Но, излезе како податок за новата еврообврзница која што би требала да се издаде во 2027 година“, рече министерката за финансии.
Таа притоа пред камерите покажа лист со табели за состојбата на долгот, при што рече дека станува збор за податоци, односно за долгот кој што го оставила опозицијата за 2027 година, односно дека станува збор за речиси 1,5 милијарди евра.
,,Тоа се долгови кои што тие ги имаат направено и ние треба да ги вратиме. Легитимно е дека мора навремено да се организираме, да обезбедиме средства за да ги вратиме старите долгови“, рече таа.
Притоа, Димитриеска-Кочоска посочи дека прво треба да се вратат тие долгови, кои се однесуваат хартии од вредност, внатрешен и надворешен долг во форма на кредити.
Меѓутоа, како што додаде, покрај овој долг, има и друг, кој што произлегува од државни записи кои што се со рочност до 12 месеци и кои што во 2027 година се околу 1,1 милијарди евра и кои исто така се обврска.
„Кога ќе ги додадете на овие тоа е 1,5 милијарди и јасно е колкава е обврската која што треба да ја вратиме следната година“, рече таа додавајќи дека покрај ова наредната година ќе треба да се финансира (од задолжување) и буџетскиот дефицит кој според фискалната стратегија е предвиден на 3,5 проценти од БДП.
„Сето тоа јасно покажува дека ние навремено треба да се организираме“, рече Димитриеска- Кочоска.
Министерката ја нападна опозицијата дека не може да се занемари фактот дека треба да се вратат 1,5 милијарди евра стари долгови, како и дека за неа било „невкусно прашањето“ за што се потребни 1,3 милијарди евра, бидејќи барем оние коишто се дел од пратеничката група, а седеле во министерските фотељи во 2024 година, требало да знаат што оставиле.
На забелешките од опозицијата дека за две години владат ја задолжила државата за 4 милијарди евра, Димитриеска Кочоска рече дека била „нивна весела математика“.
„Во меѓувреме се враќаат и долгови. Тие оставиле 3,9 милијарди нов креиран долг, а сигурно позајмиле многу повеќе за да го вратат долгот кој што бил претходно создаден“, рече таа.
Димитриеска-Кочоска додаде дека треба да се има предвид нето долгот, а не само да се пресметува што владата ќе позајмува, а да се занемарува она што го враќа.
„Така, овие 2,5 милијарди што треба во 2027 да ги враќаме ќе ги замижиме. Малку е несфатливо зошто пробуваат да зборуваат за работи кои што секој еден граѓанин му е јасно. Тоа е исто ако дома земете кредит за да рефинансирате постоечки, вам нема да ви се зголеми долгот за толку колку што сте го зеле кредитот, бидејќи дел ќе вратите. Нето е тоа што е зголемување“, рече Димитриеска Кочоска.
Таа посочи дека следната еврообврзница доспева во март, и дека допрва ќе се види кога ќе се издаде нова еврообврзница која би требало да се искористи не само за рефинансирање, односно за враќање на претходно издадената, туку и за други долгови кои што биле земени по основ на кредит од билатерални кредитори.
„Како министерство сме транспарентни, сето ова е во фискалната стратегија и трансапрентно ќе известиме кога ќе помине на Влада“, рече таа додавајќи дека јавниот долг како процент од БДП јасно кажува дали е зголемен или се движи во рамки на она што значи некоја психиолошка граница.
„Мислам дека до овој момент успешно го менаџираме тоа. Не може да го занемариме фактот дека тие за седум години направија енормно зголемување на долгот, од 47 проценти од БДП на повеќе од 58 проценти. Ако го земеме фактот дека во 2024 година тие оставија празна каса на половина од годината и имавме потреба од дополнително задолжување и зголемување на буџетскиот дефицит, таа година ја завршивме со јавен долг од над 60 проценти од БДП. Ние денес имаме под 59 проценти, што јасно кажува дека многу успешно го менаџираме“, рече Димитриеска Кочоска.






