Димитриевски од СДСМ: Намалени субвенциите првпат во историјата
Владата на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го понижи трудот и достоинството на македонскиот земјоделец. Со кратењето на парите за земјоделство во ребалансот, власта удри по грбот на земјоделците и покажа дека и овој сектор не ѝ е важен, рече Александар Димитриевски од Комисијата за земјоделство на СДСМ на прес-конференцијa.
Земјоделството, кое е еден од двигателите на економијата, а истовремено и извор на егзистенција на многу семејства – денес е жртва на незаинтересираноста и неодговорноста на владата на ВМРО-ДПМНЕ.
За прв пат од воведувањето на субвенциите во 2005 година, се кратат средства – финансиска поддршка за развој на земјоделството и за земјоделците.
Пред избори ветуваа историски највисока поддршка, денес испорачуваат историски најниска поддршка – тоа е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ.
Во изминатите 7 години, во периодот на владата на СДСМ, не се има случено намалување на поддршката за земјоделците. Во 2023 година, финансиската поддршка изнесуваше 8,3 милијарди денари, а со ВМРО-ДПМНЕ е намалена на 6,7 милијарди денари.
Тоа значи над 30 милиони евра помалку за земјоделството – сектор од клучно значење за економијата и за обезбедување храна. Наместо со финансиска поддршка да го зголеми домашното производство на земјоделски производи – кое е најсигурно, најквалитетно и најисплатливо – владата свесно го турка во колапс, отворајќи простор за увоз на скапи производи.
Дополнително, после две години предвремена, авансна исплата од 30%, оваа година ВМРО-ДПМНЕ го укинува и тоа – нема да има.ВМРО-ДПМНЕ го намали и буџетот за програмата за рурален развој. Нема повеќе програми за мали семејни бизниси.
Токму тие програми беа надеж за младите да се занимаваат со агробизнис, но и можност за развој на руралните средини
Од ветените 180 милиони евра субвенции што ВМРО-ДПМНЕ ги најавуваше, во буџетот остануваат едвај 110 милиони. А со укинување на лимитот за директни плаќања од 18 милиони денари, повторно се фаворизираат големите компании на штета на малите производители.
Цената на оризовата арпа, од 40 денари, е намалена на само 26 денари – најниска во последните години. Цената на млекото е исто така намалена, а пченицата не може да достигне ни приближно 12 денари. Производната цена за грозјето, иако е законска обврска, сè уште не е јавно објавена. Истовремено, историската откупна цена на грозјето е зголемена за само 50 денари.
Ова е директен удар врз семејните земјоделски стопанства, врз нивниот буџет и врз достоинството на луѓето кои со чесна работа го хранат народот.
Ова е јасен показател дека нема да има ништо од лажно ветените реформи на ВМРО-ДПМНЕ во земјоделството ниту во следните години.
СДСМ покажа што значи вистинска грижа за земјоделците и во најголемите кризи. Го вративме достоинството на земјоделецот и секогаш ќе бидеме на страната на земјоделците – со предлози и решенија за развиено земјоделство и задоволни земјоделци.