Димитриевски со ЗНАМ за Македонија ќе трча на парламентарни и претседателски избори: Не сме тука за спас на СДСМ, туку за спас на Македонија

Градоначалникот на Куманово на претстојните парламентарни и претседателски избори ќе настапи со новоформираната партија ЗНАМ за наша Македонија. Како што информира на денешниот брифинг со новинарите, регистрацијата на партијата е готова, а следува упис во Централниот регистар. Димитриевски сè уште е во дилема дали ќе се кандидира за премиер или ќе остане прв човек на Куманово, но нагласува дека одлуката ќе ја донесе сам во консултација со легитимните тела на партијата.

„Ова е голема лична дилема за мене бидејќи имам уште незавршени проекти кои сум им ги ветил пред кумановци. Ќе барам што е приоритет. Македонија е поголем приоритет од Куманово“,посочи Димитриевски.

Што се однесува до тоа како партијата ќе се позиционира на политичката сцена, Димитриевски рече дека таа ќе биде во центарот, а во однос на социјалната политика ќе се ориентира лево. Новоформираната партија ќе се насочи на пет програмски цели: Македонија со висок степен на национална свест за зачувување на македонскиот јазик и идентитет; Правда и еднаквост достапна за сите; Македонија самоодржлива држава особено во делот на енергетиката, производството на храна и природните ресурси; Слобода и еднаквост и Меѓуетничка толеранција и соживот, односно мултиетничко, а не биетничко општество.

Мултиетничко општество, а не мултиетничка држава

Според Димитриевски, во овој момент многу е важно во политичката комуникација политичарите да се вратат на терминот мултиетничко општество, а не мултиетничка држава, феномен кој не постои, со цел, како што рече, да не се доведеме во ситуација на седнеме на маса со малите етнички заедници да зборуваме за редефинирање на државата во делот на државното уредување.

„Македонија влезе во некои замки, уште со Рамковниот договор и сега со францускиот предлог, од кои тешко дека сега ќе излезе. Преку одредени притисоци однадвор и однатре ни се заканува да го изгубиме она што не сме успеале да го загубиме дури ни во војна. Ни се поткопува националното ткиво и самобитноста по дипломатски пат. Меѓуетничката толеранција постои, а ние ќе ја зајакнеме, но истовремено ќе водиме сметка и за фрустрациите кај дел од Македонците кои се чувствуваат како граѓани од втор ред. Ќе ја застапуваме крушевската и асномската идеологија. Сите да бидат еднакви, но да не се гази врз асномските определби на државата кои сега се погазени во целост. Ако еден Албанец е лојален на државата, ако стои мирно на македонската химна и под македонското знаме, јас немам против да биде премиер или претседател. И тоа ќе се обидеме да им го објасниме на граѓаните. Целта ни е мултиетничко, а не биетничко општество“истакна Димитриевски на брифингот со новинарите.

Како што посочи тој, по изборите ќе седнат на маса и со другите политички чинители со цел да ги постават црвените линии на државата кои ќе бидат преточени во декларација, а дури потоа ќе се разговара за формирање и партиципирање во влада.

Димитриевски е убеден дека неговата партија ќе направи сериозен резултат на изборите, но нагласува, не сме тука за спас на СДСМ како што некои аналитичари милуваат да кажат, туку за спас на Македонија.

За корумпирани и непринципиелни политичари ќе нема место во идната влада

На новинарско прашање, каков е неговиот став за Левица и дали во последно време имал некаква комуникација со лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Димитриевски посочи:

„Нашите стратешки приоритети остануваат НАТО и ЕУ, немаме друга алтернатива. Левица во тој поглед има поинакви ставови кои се дијаметрално спротивни на нашите. Со Ковачевски последен пат се видов во Куманово за прославата на 11 Октомври, а со Мицкоски подолго време не сум имал никаков контакт. Мислам дека тој должи објаснување за интензивните контакти со поранешниот премиер Заев. А како што знам, имало и средби помеѓу поранешен премиер од ВМРО-ДПМНЕ со актуелен претседател на СДСМ“,истакна лидерот на ЗНАМ и актуелен градоначалник на Куманово додавајќи дека во владата ќе нема место за вакви непринципиелни политичари, како и за оние кои се корумпирани и закони има поведено некаква судска истрага.

Во однос на уставните измени со кои Бугарите и други народи треба да бидат впишани во македонскиот Устав, Димитриевски вели дека останува на ставот оти нема ништо против тоа, но претходно да се исполнат некои услови.

„Не е проблем да се внесат Бугарите во Уставот, но мора да постои реципроцитет. Да постои документ кој ќе гарантира дека нема да се загрозат македонскиот идентитет и јазик, а уставните измени да стапат во сила по членството на Македонија во ЕУ“рече Димитриевски.

Се очекува партијата првиот конгрес да го одржи на крајот на февруари или почетокот на март кога ќе се изберат и партиските тела. До првиот конгрес ќе функционираат времени тела, односно Извршен и Надзорен одбор кои имаат по три избрани члена и претседател на партијата.

Back to top button
Close