Димитриевски за отсуството на Гаши за Илинден: Без почит за важните датуми за државноста, не ја почитувате државата
Градоначалникот на Куманово и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски, смета дека не доликува претседателот на Собранието да го замени одбележувањето на 2 Август-Илинден со учество на меѓународна конференција. Ако не ги почитувате елементарните датуми за создавање на државата и државноста, вели Димитриевски, тогаш не ја почитувате ниту државата.

-Се знае редот. За 2 Август секогаш претседателот на државата оди на едно од трите значајни места за Илинден, премиерот оди на второто, а претседателот на Собранието на третото.
Дали ќе живееме во еден лажен свет во кој ќе си покажуваме лице едни на други или пак, ќе се соочиме со фактот дека Македонија е независна држава и дека им припаѓа на сите нејзини граѓани, но притоа се вика Македонијa која сакаме да ја делиме сите но и да ја надоградуваме. Ако вие не ги почитувате елементарните датуми за создавање на државата и државноста, тогаш де факто не ја почитувате ни државата – рече тој на Сител.
Од друга страна, лидерот на ЗНАМ вели дека верува во тоа оти државата не би постоела доколку не биле Македонците и нивните заложби за создавање на државата.
-Да зависевме од волјата на останатите, како што денеска ги нарекуваме етнички заедници, а во минатото народности или делови од народи, ние немаше да имаме независна држава, туку ќе бевме составен дел како во минатото на некоја друга соседна држава или повторно распарчена на неколку делови. Така што, тука сме ние, ќе ја заштитиме и државноста и сè додека има Македонци ќе има и Македонија – изјави тој.
Собранискот спикер Африм Гаши не беше присутен на годинашната свеченост по повод одбележување на 2 Август. Наместо Гаши, кој замина на конференција во Египет, собраниската делегација ја предводеше потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, кој се обрати на народниот собир на „Мечкин Камен“.






