Димитров: Ако се држиме до Договорот нема начин македонскиот идентитет да биде во судир со европските вредности

Се додека се држиме до одредбите од Договорот за добрососедство со Бугарија нема начин како тоа што ни е нас суштинско – идентитетските прашања, македонскиот идентитет на каков било начин да биде во судир со европските вредности и европската кауза, оценува шефот на дипломатијата Никола Димитров во однос на можноста Софија да ги блокира пристапните преговори поради алатките кои ги дава новата методологија за преговори со ЕУ.

-Јас сум убеден дека во тој процес двете земји мора да бидат победници. Прво, Софија многу вложи во нашата европска иднина, второ почнавме еден благодарен процес склучувајќи го Договорот за пријателство. И јас сум убеден дека се додека се држиме до одредбите од Договорот и ги имплементираме заложбите и правните обврски од тој договор двете страни нема начин како тоа што ни е нас суштинско – идентитетските прашања, македонскиот идентитет на каков било начин да биде во судир со европските вредности и европската кауза. Невозможно е бидејќи едно од суштинските права и согласно меѓународното право и согласно европското право е секако нашето право да се изразиме кои сме – правото на самоопределување. Тоа е дел од ЕУ, меѓу другото и затоа и се вика европска како придавка Унија. Ќе работиме многу заедно со нашите соседи и ќе најдеме начин тоа што можеме да го решиме како разлика се разбира, да го решиме, меѓутоа овие прашања се завршени прашања, не само за нас туку и за светот преку личната карта во ОН, вели Димитров на заедничка прес-конференција со пемиерот Оливер Спасовски откако вчера ЕК ја достави предлог Преговарачката рамка на разгледување во Советот на ЕУ.

Според него, ние не чекавме 15 години со дилема сега кога веќе ја имаме главната алатка да ја донесеме Европа дома, да почнеме да правиме чекори назад.

-Воопшто граѓаните не треба да се плашат од тој механизам што сега ЕУ го воведува – реверзибилноста што се однесува на земја која што долго време и брутално ќе повреди некоја суштинска европска вредност. Ние го пробивме патот за да одиме напред, не за да одиме назад и во таа смислам мислам дека ова нема да биде нешто посебно релевантно во однос на одлучноста на оваа политика да зачекори одлучно напред. Да речеме ако ни текне да се вратиме кон заробена држава, нешто што Комисијата самата го искова како синтагма во 2015-2016 година. Таква намера апсолутно немаме. Сакаме да грабаме напред, да бидеме подемократски, да има во земјата повеќе правда во однос на овие два суштински столбови на ЕУ, рече Димитров.

Тој додава дека ние докажавме дека можеме да решаваме тешки прашања, притоа промовирајќи и афирмирајќи го тоа што ни е суштински најважно и изрази увереност  и дека  ќе добиеме една добра преговарачка рамка што ќе ни биде алатка за реформи и во согласност со европските вредности.

-Прашањето на јазици не е прашање што е предмет на признавање или непризнавање на држави, особено не во Европа во 21 век. И како што вели Договорот за пријателство во преамбулантниот дел ќе работиме да бидеме се поблиски и да бидеме со се поголема соработка и поголеми пријатели врз основа на почитта кон другиот, тоа на некој начин ги обврзува двете страни да го почитуваат правото на другиот во овој временски и географски контекст. Тука нема влог само македонската страна, тука има влог и самата ЕУ во смисла на принципите и вредностите што се наведени и во Лисабонскиот договор и во членот 2 и воопшто како ЕУ. Ова ќе го направиме низ разговор со заедништво и ќе прогласиме заеднички успех во втората половина од оваа година. Ние меѓу другото и копретседаваме со Берлинскиот процес, нешто што го започна лично канцеларката Меркел, ни претстои голем самит  во октомври или во ноември, а истовремено Берлин, пак, претседава баш во овој период со ЕУ. И во ваа смисла мислам дека ги имаме параметрите каде што ќе најдеме решение и ќе имаме една добра преговарачка рамка што ќе ни биде алатка за реформи и што ќе биде во согласност со европските вредности, нагласи шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Прашан дали ќе има реакција за одбивањето на грчката армија да потпише договор со нашата земја под кратенката МКД, Димитров рече дека Преспанскиот договор е еден многу деликатно постигнат баланс и сите елементи што се добри за едната страна или што се добри за другата страна се исклучително важни за овој баланс да се задржи.

– Ние сме целосно посветени на сите наши правни обврски од Преспанскиот договор. Вклучувајќи ја и таа одредба во однос на кодот којшто е или МК или МКД. Ќе треба да се седне и да се разговара за ова прашање. Јас сум убеден дека од другата страна низ разговор ќе има целосна примена, се разбира на сите одредби од Преспанскиот договор, којшто е склучен и правно обврзувачки и за двете страни на начин на којшто ќе се оди напред кон пријателството што го создаваме, појасни Димитров.

Back to top button
Close