Димитров до Бугарија: Како не ве срам – македонскиот народ не е ваш “зап’рт’к”!
Поранешниот министер за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, остро реагираше на изјавата на поранешниот бугарски амбасадор и европратеник Александар Јорданов, кој во интервју за „Дојче Веле“ го нарече македонскиот идентитет „политички зап’рт’к“ – термин што во бугарскиот јазик означува нешто неразвиено и неуспешно уште во зародиш.
Димитров ваквата изјава ја оцени како „ужасен говор на омраза“, инспириран од „антиевопска амбиција да се негира постоењето и посебноста на еден европски народ“.
„Да си даде човек, а уште пострашно, една политика – право да зборува за други луѓе, во друга држава, кои се и какви се, од кога се – е антиевропски, антицивилизациски, непристојно и бедно“, напиша Димитров на својот Фејсбук профил.
Тој нагласи дека доколку самиот бил дипломат или министер, без двоумење би поднел оставка при првиот обид за спроведување ваков вид политика кон друг народ.
„Колку се државите големи, не во територија туку во вредности и цивилизациски габарит, најдобро се гледа по тоа како си ги третираат соседите. Прашањето е: дали Бугарија расте со својот однос кон македонскиот народ или станува сѐ помала?“, прашува Димитров.
Тој посочи дека идентитетските прашања се лична и колективна работа на самите народи и дека обидите за надворешно дефинирање на етничкиот идентитет се не само опасни, туку и поразителни за добрососедските односи.
Како поткрепа, Димитров се повика и на ставот на група бугарски интелектуалци кои уште во 2020 година потпишаа петиција во која се наведува:
„Не сметаме дека процесот на формирање на македонската нација значително се разликува од начинот на формирање на другите нации.“
Во завршницата на објавата, Димитров апелираше до бугарската јавност и политичари да покажат разбирање, емпатија и почит.
„Аман, ставете се во нашите чевли. Замислете ваш поголем сосед да го нарече бугарскиот идентитет ‘политички зап’рт’к’. Со дикат и усул, комшии. Во името на историјата – и на иднината“, порача тој