Димитров: Една од основните мисии на надворешната политика е да создава пријателства

– Министерот за надворешни работи и носител на листата во ИЕ 1 на СДСМ и коалицијата „Можеме“, Никола Димитров, попладнево на својот фејсбук профил се заблагодари за поддршката што му ја упати германскиот колега, државниот министер за Европа, Михаил Рот.
-Една од основните мисии на надворешната политика е да создава пријателства. Колку повеќе пријатели имаме, толку сме поуспешни и посилни, толку побрзо одиме кон целта. Михаил Рот, државен министер за Европа на актуелниот претседавач со Европската унија Германија, ми е колега.
Уште поважно – Михаил ми е пријател. Благодарам драг пријателе на силната поддршка, напиша Димитров.
Рот претходно, во видео обраќање, рече дека Димитров не е само успешен, туку е и мошне искусен министер за надворешни работи.
-Тој не е само посветен Европеец, туку е и близок и доверлив пријател. И се гордеам со тоа. Тој ги брани европските вредности во тешки времиња. Тој се повикува на надежта кај луѓето, а не на нивните стравови. Тој е одличен соговорник со прекрасна смисла за хумор. И секогаш можам да сметам на него. Затоа целосно ја поддржувам неговата кандидатура за Собранието на Северна Македонија, истакна Рот, повикувајќи граѓаните да гласаат за „светлата иднина на Република Северна Македонија“.