Димитров: ЕУ досега се покажа како вистински партнер и поддржувач на регионот при справување со пандемијата

Европската Унија досега се покажа како вистински партнер и поддржувач на Западниот Балкан при справување со пандемијата, создавајќи едно чувство на заедништво и припадност како да сме скоро дел од ЕУ, што се надеваме ќе следи и во претстојниот период при носењето одлуки од страна на Унијата.

Ова денеска го истакна шефот на дипломатијата Никола Димитров, кој заедно со своите колеги од земјите во регионот, учествуваше на видео-конференција иницирана од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Димитров, како што соопшти МНР, во своето обраќање се осврна на актуелната состојба и мерките во земјата во контекст на пандемијата, како и во контекст на подготовките со цел демократски, фер и слободни предвремени парламентарни избори, со максимална заштита на здравјето на граѓаните.

– Голема благодарност и за изразената поддршка од страна на Европската комисија за обезбедување залихи, како и вклученост во ЕУ набавката на лекот „ремдесивир“ препорачан од Европската агенција за лекови, што беше побарано во консултација со  министерот за здравство Филипче, рече Димитров.

Главен акцент во разговорите беше ставен на мерките што земјите од регионот ги преземаат во функција на контролирање на пандемијата со коронавирусот, како и натамошната координација при нивно олеснување и овозможување на слобода на движење, како во регионот, така и меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ.

Истовремено стана збор и за активностите на ЕК во контекст на следните чекори за поддршката од ЕУ при справување со социо-економските последици од пандемијата, а беа разменети мислења и за евроинтеграциските процеси.

Од страна на еврокомесарот Вархеји беше искажана подготвеност за поддршка на регионот за контрола на вирусот, координација при следните чекори за закрепнување и повторно поврзување на регионот со ЕУ во контекст на слобода на движење, каде што главниот критериум кој е препорачан при носење на одлуките е врз основа на објективната епидемиолошка слика. 

Back to top button
Close